X
 14.12.2021 Живот

Што работел Путин во 90-тите години?

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека жали за распадот на Советскиот Сојуз, откривајќи дека морал да работи како таксист за да заработи.

Економските проблеми предизвикани од колапсот на заедничката држава принудија многу Руси да бараат нови начини за заработка.

Путин го опиша распадот како колапс на историска Русија. Овие изјави би можеле да предизвикаат шпекулации за неговите намери кон Украина, поранешна советска република.

Русија собра повеќе од 90.000 војници на границата со Украина, а се стравува дека наводно планира да изврши инвазија.

Кремљ го негира ова обвинувајќи ја Украина за провокација и бара гаранции дека НАТО нема да се прошири на исток.

Изјавите на Путин доаѓаат од документарниот филм „Русија - најнова историја“, емитуван во неделата.

- Тоа беше распаѓање на историска Русија под името Советски Сојуз - рече тој.

Тој додаде дека на Запад се смета дека натамошното распаѓање на Русија е само прашање на време.

Познато е дека Путин го гледа распадот на СССР како трагедија, но изјавите за неговите лични тешкотии во тоа време се нови.

- Понекогаш морав да заработам дополнителни пари. Заработував превезувајќи клиенти со сопствен автомобил. Да бидам искрен, непријатно ми е да зборувам за тоа, но за жал беше така - вели тој.

Во тоа време такси-возилата беа реткост во Русија, а многумина превезуваа луѓе со автомобили за да врзат крај со крај.

Некои дури користеле амбулантни возила како такси.

Познато е дека Путин е поранешен агент на советската служба за безбедност - КГБ.

Сепак, во раните 90-ти години тој работел во канцеларијата на градоначалникот на Санкт Петербург, Анатолиј Собчак.

Тој тврди дека поднел оставка од КГБ по државниот удар во август 1991 година против советскиот претседател Михаил Горбачов, што довело до распад на СССР.

Во текот на 90-тите имало многу семејни луѓе во Русија што работеле како бомбаши, како што неформално ги нарекувале приватните такси.

Во сленг на руски јазик, тоа било израз за оние што се многу сиромашни.

Обично најголемиот ризик беше да го навредите мачо-возачот обидувајќи се да го врзете вашиот појас.

Кога СССР се распадна во 1991 година и рубљата ја загуби својата вредност, неформалниот такси-бизнис процвета.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/BBC
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот