X
 08.04.2021 Живот

Задолжителната вакцинација е легална, пресуди Европскиот суд за човекови права

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесе пресуда дека задолжителната вакцинација е легална и дека можеби ќе биде потребна во демократските општества.

Пресудата е донесена денеска и следува по заклучувањето на жалбата која чешки фамилии ја поднесоа до Судот поради задолжителна вакцинација на деца, пренесува Б92.

Европскиот суд за човекови права, до кој се обратија родители на деца од Чешка кои не биле примени во градинка поради невакцинирање, денеска оцени дека задолжителната вакцинација е „неопходна во демократското општество“.

- Оваа пресуда ја зајакнува можноста за задолжителна вакцинација во услови на моменталната пандемија на Ковид-19 - истакна адвокатот Никола Ервије, кој е специјализиран за ЕСЧП.

Меѓутоа, тој ја истакна слободата на процена која Судот им ја препушти на државите во однос на политиката за вакцинирање. Тој, исто така, посочи дека одлуката на Судот констатира „генерален консензус за позитивните ефекти на вакцинацијата која не се доведува во прашање поради неизбежните и несаканите ефекти затоа што постои стриктна научна контрола“.

Судот, како што додаде тој, го поддржува принципот на социјална солидарност кој може да го оправда наметнувањето на вакцинацијата за сите, дури и оние што се чувствуваат помалку загрозени од болеста, кога станува збор за заштита на најзагрозените лица.

ЕСЧП оценува дека задолжителната вакцинација на децата во Чешка против девет болести не претставува кршење на членот 8 од Европската конвенција за човекови права кога станува збор за „право на почитување на приватниот живот“.

- Политиката на вакцинација следи легитимни цели за заштита на здравјето, како и правата на другите, бидејќи ги штити и оние што ја примаат вакцината и оние што не можат да бидат вакцинирани поради медицински причини - истакнаа од Судот и додадоа дека лицата што не можат да ја примаат вакцината зависат од колективниот имунитет за да се заштитат од тешки заразни болести.

Чешка затоа има голема слобода на процена во тој контекст, наведува Судот, на чии одлуки не може да се поднесат жалби, и истакнува дека интересите на децата мора да имаат предност во сите одлуки што се однесуваат на нив.

Извор: B92
Насловна фотографија: Pixabay

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот