X
 13.08.2021 Наука

Графикони што докажуваат дека имунизацијата во Израел функционира и е успешна

И покрај неодамнешното зголемување на бројот на сериозни случаи во Израел, вклучително и кај целосно вакцинираните, оние што ги примиле двете дози на вакцината против ковид-19 имаат значително помали шанси да доживеат тешка болест, покажуваат податоците објавени од израелското Министерство за здравство.

Од 8 август министерството регистрираше 85,6 тешки случаи на ковид-19 на 100.000 луѓе меѓу невакцинираните постари од 60 години, наспроти 16,3 на 100.000 луѓе меѓу целосно вакцинираните. Со ова, невакцинираните стари лица имаат повеќе од 5 пати поголема веројатност да доживеат тешка клиничка слика наспроти имунизираните лица.

За оние на возраст под 60 години, стапката на тешки заболувања кај невакцинираните изнесува 1,4 случаи на 100,000 луѓе - 2,8 пати повеќе од 0,5 на 100,000 кај оние кои примиле две дози од вакцината.

Според податоците, иако ризикот од појава на тешки симптоми се зголемува со возраста и за вакцинираните и за невакцинираните, тој се зголемува многу подраматично кај невакцинираните.

1
Фото: Израелско Министерство за здравство

За оние на возраст помеѓу 60 и 69 години, има 43,4 случаи на 100,000 меѓу невакцинираните, наспроти само 6,5 меѓу целосно вакцинираните.

Професор Ран Балицер, претседател на израелската експертска комисија за ковид-19, вели дека не постои сомнеж дека луѓето кои се невакцинирани се изложени на поголем ризик да развијат тешка клиничка слика.

- Ова може да го видите на наједноставните графикони објавени од Министерството за здравство. Кога ќе ги погледнете Израелците над 60-годишна возраст и ќе ги анализирате стапките на тешки заболувања - не бројки туку стапки, што значи број на заболувања по одреден број на население, тогаш она што можете да го забележите е дека меѓу оние кои се невакцинирани постои значителна повисока стапка на тешки заболувања отколку кај вакцинираните - објаснува професорот.

-Иако ефективноста на ковид-вакцината може да се намали донекаде во текот на неколку месеци, оние што се вакцинирани се заштитени пет до десет пати повеќе од оние кои не се во можност или не сакаат да примат вакцина - вели професор Надав Давидович, директор на Факултетот за јавно здравје при Универзитетот Бен-Гурион и шеф на израелската асоцијација на лекари за јавно здравје.

1
Фото: Израелско Министерство за здравство

Должината на времето што поминало од вакцинацијата и возраста на пациентот може да влијаат на веројатноста тие да се заразат и да развијат тешка клиничка слика.

- Оние кои беа вакцинирани во јануари се нешто помалку заштитени во споредба со оние што беа вакцинирани, на пример, во март - вели Давидович, додавајќи дека е можно поинфективната варијанта на делта, исто така, да има влијание врз инциденцата на сериозни случаи.

Во саботата Израел забележа пад на нови случаи на коронавирус, при што податоците на Министерство за здравство во неделата покажаа  2.886 нови случаи. Сериозните случаи се зголемија на 348 во саботата, 19 повеќе од претходниот ден.

Околу 5,8 милиони Израелци примија барем една доза од вакцината против коронавирусот. Од нив, 422.326 добиле три дози како дел од новата кампања за да се дадат засилувачки дози за старите лица и другите ранливи луѓе.

Министерството за здравство кон крајот на минатиот месец соопшти дека ефективноста на „Фајзер“ вакцината против коронавирусот во спречувањето на инфекцијата и благи симптоми е намалена на 40 отсто, иако податоците може да бидат погрешни поради проблемите со малата големина на примерокот. Се тврди дека ефективноста на вакцината во спречувањето хоспитализации е 88 отсто, а кога станува збор за тешките симптоми, тогаш ефективноста изнесува 91 отсто.

- Целта на вакцината има помала врска со спречувањето на пренесувањето, а има голема врска со обезбедување заштита од смртност и тешка клиничка слика - објаснува професор Хагај Левин, епидемиолог на Хебрејскиот универзитет и претходник на Давидович во Здружението на лекари за јавно здравје.

- Иако сега се чини дека има четири или петпати помала инциденца на тешки случаи меѓу вакцинираните, поцелосно испитување на податоците може да открие дека вакцината е уште поефикасна отколку шо се гледа од овој графикон - додава тој.

Извор: Haaretz.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука