X
 08.04.2024 Наука

Што вели науката: Дали на жените навистина им е потешко да ослабат?

Генетиката, метаболизмот и хормоналните промени можат да го отежнат слабеењето - се согласуваат експертите кои го проучувале овој феномен.

- Постојано го слушаме ова и може да биде навистина фрустрирачко за жените. Но, за жал, тоа е вистина: генетскиот состав на жената може да го направи слабеењето малку поголем предизвик - вели ендокринологот Марсио Грибелер.

Без разлика, експертите велат дека е добра идеја да разговарате со ендокринолог или специјалист за слабеење за да го добиете најдобриот совет за вашето тело, медицинска историја и целите за губење на тежината.

Составот на телото и метаболизмот

Жените обично имаат повеќе телесни масти и помалку мускули од мажите. Ова влијае врз нивната базална метаболичка стапка (БМР), или колку калории телото согорува додека е во мирување.

- Метаболичката стапка е делумно одредена од мускулната маса, а повеќето жени природно имаат помалку мускули и повеќе масти од мажите. Важно е да се има на ум дека постои добра причина зошто жените имаат повеќе телесни масти од мажите - тоа е еволутивна адаптација што може да им се најде за време на бременоста - објаснува д-р Грибелер.

Исто така, вреди да се напомене дека изгледот на телото е важен. Мажите и жените имаат различни коскени структури и имаат тенденција да складираат маснотии во различни делови од телото, при што жените имаат тенденција да имаат пораспространето складирање на маснотии. Ова значи дека многу од нив треба да ослабат повеќе за да ја видат истата промена во изгледот.

Бременост и менопауза

Жените поминуваат низ неколку видови хормонални промени во текот на нивниот живот. Покрај пубертетот, кој и мажите и жените го доживуваат, иако на различни начини, жените минуваат и низ менопауза. Многу женски хормони флуктуираат како резултат на бременоста. Кога жената ќе забремени, таа добива тежина и масно ткиво - и тоа не секогаш исчезнува кога бременоста ќе заврши.

Д-р Грибелер забележува дека на младите мајки може да им биде тешко да најдат време за вежбање и спиење - две работи кои се клучни за губење на тежината. Но, ако доите, тоа ќе ви помогне да согорите калории и да го забрзате слабеењето.

Менопауза

За време на менопаузата, жените често добиваат тежина во пределот на стомакот - за разлика од колковите или бутовите, на пример, поради губење на хормони и побавен метаболизам. Мускулната маса се намалува со возраста, што го отежнува одржувањето на тежината пред менопауза, а уште помалку слабеењето.

Хормонална нерамнотежа како синдром на полицистични јајчници

Не е невообичаено жените да страдаат од хормонална нерамнотежа во различни периоди од нивниот живот. Некои се привремени, но други, како синдромот на полицистични јајчници, може да биде доживотна борба. Според д-р Грибелер, меѓу 5 и 10 проценти од жените ја имаат оваа состојба. Тоа е состојба која се карактеризира со хормонална нерамнотежа, што го отежнува слабеењето и предизвикува неправилни менструации. Но, тоа не е единствената состојба што предизвикува зголемување на телесната тежина поврзана со хормони. Кушингов синдром, Хашимотова болест и хипотироидизам се само неколку примери на состојби кои предизвикуваат хормонална нерамнотежа што доведува до зголемување на телесната тежина. Овие состојби се исто така многу почести кај жените.

Како да ги надминете пречките за слабеење

И покрај предизвиците што ги создава биологијата за жените кои се обидуваат да изгубат тежина, секогаш е можно да се преземат чекори во вистинската насока, а д-р Грибелер советува насочени тренинзи како што се тренинзи со отпор и тежина.

Создавањето мускулна маса го поттикнува метаболизмот, така што поголемата мускулна маса помага во согорувањето на калориите, дури и кога седите или стоите в место. Можете да ги одржувате вашите мускули со вежби со отпор најмалку двапати неделно по 20 до 30 минути од тренинг, што е многу важно да се применува како што старееме бидејќи метаболизмот природно се забавува и со возраста губиме мускули.

Можете да вежбате сами, во друштво, онлајн, во групи за фитнес-часови... Искористете го вашето тело за отпор преку правење склекови и слично. Експертите велат дека вежбите со тегови се особено корисни за жените.

-Жените треба да вежбаат со тегови за да ги добијат придобивките за градење мускули, како што се зголемување на стапката на метаболизмот и спречување на остеопороза - советува д-р Грибелер.

Тренингот со тегови не е само корисен затоа што е добар тренинг или затоа што го подобрува метаболизмот. Согорувањето дополнителни калории, исто така, ја намалува отпорноста на инсулин, што може да помогне да се спречи појава на дијабетес.

Пронајдете ја шемата на исхрана што најдобро ви одговара

Количината на калории што му е потребна на мажот за да ослабе е околу 1.500 дневно (во зависност од висината/тежината/нивото на физичка активност), но потребите за калории на жената се помали - обично околу 1.200 калории дневно. Секако, доколку двајцата имаат редовна физичка активност, овие калории може малку да се зголемат. За жените, губењето на тежината на долг рок може да значи јадење помалку храна од мажите.

Д-р Грибелер препорачува балансирана диета како медитеранската диета, но исто така и ниски јаглехидрати и кетогени диети, особено за луѓе со синдром на полицистични јајчници или дијабетес, кои можеби нема да толерираат оброци со висока содржина на јаглехидрати.

- Студиите што се занимаваат со губење на тежината не покажуваат дека постои една ефикасна шема на исхрана. Планот што ќе го изберете мора да биде индивидуализиран според вашите здравствени потреби и однесување - предупредува лекарот.

Без разлика дали следите план за исхрана со малку маснотии и јаглехидрати или некој друг план, погрижете се вашите оброци да бидат избалансирани и хранливи.

Неколку совети за слабеење:

-Во вашето мени вклучете посни протеини и здрави масти како јаткасти плодови, маслиново масло и авокадо. Ограничете го внесот на едноставни јаглехидрати (без шеќер, бел леб, засладени пијалаци) и не заборавајте да внесувате многу витамини и минерали од овошјето и зеленчукот. Ако имате над 50 години, ви се препорачува да внесувате многу калциум и витамин Д, било од храна или од додатоци.

-Кога станува збор за слабеење, многу е важно да бидете трпеливи. Мажите обично губат тежина побрзо на почетокот, но и жените се израмнуваат. Тоа е некаква ситуација како во познатата приказна за желката и зајакот. И двајцата ќе стигнете таму на крајот, но најдобро е да не ги споредувате вашите резултати со туѓите. Некој ќе се обесхрабри, а тоа не е добро за ентузијазмот.

Запомнете: здравото слабеење е постепено. Всушност, американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) вели дека луѓето што губат само еден до два килограми неделно имаат поголема веројатност да избегнат да ги добијат килограмите назад отколку луѓето што брзо губат тежина. Тоа е така затоа што брзата диета е неодржлива. Бавното, но стабилно губење на тежината поттикнува пошироки (и поздрави) промени во животниот стил.

-Ако не гледате резултати, разговарајте со вашиот лекар бидејќи можеби ќе треба да пробате поинаков план за исхрана кој подобро ќе функционира со вашиот животен стил - заклучил д-р Грибелер.

Извор: Tportal.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука