X
 26.07.2020 Наука

Арктичкиот Океан сѐ повеќе станува како Атлантскиот и Тихиот Океан

Се појавува нов Арктички Океан каде што повеќе цутат алги, има поголеми бранови и повеќе сличности со Тихиот и Атлантскиот Океан, се вели во серија истражувања објавени неодамна.

Вината или заслугата оди делумно на губењето на морскиот мраз и на морињата периферни на Арктичкиот Океан, како и зголемувањето на нивната топлина што овие мориња ја праќаат на север.

- Во многу погледи Арктичкиот Океан сега изгледа како нов океан - вели Игор Полијаков, океанограф на Универзитетот „Фербанкс“ во Алјаска  и главен автор на едно од истражувањата.

Истражувањето на Полијаков анализирало податоци од пред 37 години кои ја следеле „бореализацијата“ (адаптацијата на растенијата кон живот во посеверни региони). Но, бореализацијата значи различни нешта од европска страна отколку од американско-азиска, се вели во истражувањето на научниците од Универзитетот „Фербанкс“, финскиот метеоролошки институт и други институции од САД, Канада, Норвешка, Шведска и во Русија.

Истражувањето ги идентификувало температурите, хемиските и биолошките промени во Арктичкиот Океан што се водат од поврзаните субарктички води.

На европската страна на Арктикот, каде што се влеваат потопли атлантски води од Баренцовото Море и Карското Море, постои повеќе мешање на солената со слатката вода. Мешањето ја подобрува биолошката продуктивност. Спротивно на тоа, американско-азиската страна на Арктикот, под влијание на Чукотското Море и Беринговото Море, добива повеќе слатка вода од топењето на мразот и излевањето на водите. Таа свежа вода лежи над потешката солена вода, намалувајќи го мешањето и потенцијално намалувајќи ја идната продуктивност.

Атлантификацијата на европскиот Арктик и пацификацијата на американско-азискиот Арктик се очекува да продолжат и во иднина, вели Полјаков.

okean

- За неколку децении ќе забележиме зголемување на регионалните контрасти на Арктикот, како што посочуваат актуелните климатски модели - вели тој.

Друго истражување, спроведено од научници од Универзитетот „Стенфорд“ и објавено во списанието „Сајнс“, следело дека примарното производство (создавањето енергија, главно преку фотосинтеза, што ја формира основата на синџирите за исхрана), се зголемило за 57 отсто меѓу 1998 и 2018 година во Арктичкиот Океан.

Научниците од „Стенфорд“ во минатото ја испитувале врската помеѓу повлекувањето на мразот и зголеменото производство на фитопланктон во Арктичкиот Океан. Таа работа вклучува и следење на цветањето на фитопланктонот под мразот во Чукотското Море и односот на повлекувањето на мразот до цветањето на фитопланктонот во Беринговото Море.

Сега, цутењето на фитопланктонот во Арктичкиот Океан повеќе не е производ на сончевите зраци што продираат низ разредениот мраз или отворените води. Додека загубата на мразот беше голем двигател на зголемувањето на биомасата на фитопланктонот во текот на првата деценија од истражувањето, нов фактор станал доминантен во втората деценија од истражувањето; приливот на хранливи материи од соседните мориња и океаните.

- Знаевме дека Арктикот го зголеми производството во последните неколку години, но се чинеше дека системот само ги рециклира истите хранливи материи. Нашето истражување покажува дека тоа не е случај. Фитопланктонот апсорбира повеќе јаглерод од година на година, кога нови хранливи материи доаѓаат во овој океан - вели Кејт Луис, главниот автор од „Стенфорд“.

Дали еколошкото влијание на зголемената продуктивност е добро или лошо, зависи од видовите, вели коавторот Кевин Ариго, шеф на лабораторијата за биохемија од „Стенфорд“.

- Попродуктивен Арктик значи повеќе храна за многу животни. Но, многу животни што се приспособиле да живеат во поларна средина имаат тешкотии поради повлекувањето на морскиот мраз - вели Ариго.

Една можна придобивка би била зголемената апсорпција на атмосферскиот јаглерод, но Арктикот е премал за да компензира голем дел од оптоварувањето на стакленички гасови во светот и тоа не е нешто на кое ќе можеме да се потпреме дека ќе ни помогне за нашите климатски проблеми - додава тој.

Друга промена што доаѓа кај Арктичкиот Океан е драматичното зголемување на брановите, велат научниците од Животна средина и климатски промени во Канада.

Доколку продолжи сегашната стапка на емисија на јаглерод, најголемите бранови на Арктичкиот Океан во областите близу брегот може да се зголемат двојно или тројно во однос на височината до крајот на векот. Со ова, голем дел од крајбрежните жители на Арктикот ќе бидат во ризик. Посебно жариште ќе биде брегот на Босфорското Море, кое веќе драматично еродира како резултат на поголемата акција на брановите во комбинација со топењето на вечниот мраз.

- Го зголемува ризикот од поплави и ерозија. Драстично се зголемува речиси секаде. Ова може да има директно влијание врз заедниците што живеат близу крајбрежјето - вели водечкиот автор Мерсе Касас-Прат.

Надвор од брегот, на отворено море, најголемите бранови можат да достигнат и до 6 метри поголема височина отколку нивоата забележани од 1979 до 2005 година. Зголемените влијанија на Атлантскиот Океан врз Арктичкиот Океан ќе предизвикаат нови дејствија на брановите, а океанските бранови ќе се прошират дури и во области во близина на Северниот Пол ако сегашните нивоа на емисии останат непроменети, се вели во истражувањето.

Извор: Arctictoday.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука