Со проектот „Субверзија во црвено“ на уметницата Нада Прља денеска во 18:30 часот ќе биде отворен македонскиот павилјон на 58. Интернационална ликовна изложба на реномираното Венециско биенале. Проектот е на Музејот на современата уметност од Скопје и ќе биде отворен од 11 мај до 24 ноември.
Проектот на МСУ и Прља беше избран за национален претставник на Венециското биенале од комисија на Министерството за култура, која го издвои од другите три пријавени на конкурсот поради „тематската одредница и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи“. Според комисијата, „Субверзија во црвено“ е актуелен и интернационално референтен проект во културниот контекст и во однос на темата на Биеналето.
Комисијата ги имала предвид и квалитетите и искуството на авторката со учество и изведба на дела со сличен контекст, кои се многубројни и имаат освоено награди и признанија на меѓународната сцена. Министерството за култура издвои 4.000.000 денари за претставувањето на проектот на МСУ на Биеналето во Венеција.
Генерална тема на 58. Интернационална ликовна изложба – Венециско биенале е: „Може да живееш во интересни времиња“, која ја утврди кураторот Ралф Ругоф.
Извор: МИА