Изложбата „Бау1хаус“ (bau1haus) од берлинскиот фотограф Жан Молитор, вечерва во 20 часот, ќе биде отворена во Музејот на современата уметност во Скопје. Изложбата е резултат на соработката на Амбасадата на Германија во нашата земја, Архитектонскиот факултет во Скопје и МСУ, по повод стогодишнината на познатата и исклучително влијателна школа - Баухаус. Поставата свечено ќе ја отвори амбасадорот на Германија, Томас Герберих, а кратки обраќања за значењето на Баухаус и за изложбата ќе имаат и авторот Жан Молитор и доц. д-р Ана Ивановска-Дескова од Архитектонскиот факултет.
Жан Молитор патува низ светот веќе десет години, поттикнат од визијата да создаде меѓународна фотоархива на градбите на модерната, која од 2016 година научно е поддржана од историчарката по архитектура д-р Каија Фос. Во проектот „bau1haus“, Молитор има цел да го документира меѓународното влијание на Баухаус врз развојот на модерната архитектура. Притоа, тој сака да ги прикаже глобалните врски и космополитската размена на модерното градење.
Фотографија - Жан Молитор
Областа на истражување се протега од Вајмар, каде што во 1919 г. е основано легендарното уметничко училиште Баухаус, преку цела Европа до Африка, Америка и Азија. Изложбата на фотографии патува во места каде што луѓето со децении живеат со своите архитектонски богатства, но можеби не се секогаш свесни за нив. Речиси секаде има изненадувачки траги на модерната: меѓу Берлин и Кабул, Штутгарт и Тел Авив, Санкт Петербург и Хавана, во Гватемала или во Букаву во Конго се наоѓаат секогаш одново врвни дела на градежната уметност без кич. Изложбата во различни комплекси се доближува до целиот спектар на модерното градење.
Во центарот на вниманието не се архитектонските икони како мајсторските куќи во Десау, туку пред сѐ згради што го документираат меѓународниот дух на времето во нивното секојдневие, меѓу нив, станбени површини, кина, училишта, населби, театри, вили, болници, бензински пумпи и индустриски градби. Тие ги отсликуваат и итните прашања на првата половина од 20 век: нова мобилност, социјална градба на станови, градска хигиена, медицинска грижа, како и настојувањето за образование и активности во слободното време.
Преку висококвалитетни црно-бели фотографии, прочистени од секакви влијанија што пречат, Молитор се концентрира со трезвен поглед на естетиката на архитектурата.