X
 08.05.2022 Наука

Научници испратиле мал робот да живее со царските пингвини на Антарктикот со цел да ги спасат

Илјадници царски пингвини се собираат на мразот во заливот Атка на Антарктикот и главно не знаат дека меѓу нив живее натрапник. Мал истражувачки робот, висок 1 метар, управуван од далечина, живее со колонијата царски пингвини на Антарктикот, обезбедувајќи витални информации за научниците во Кејп Код.

Роботот наречен ECHO, кој припаѓа на океанската институција „Вудс Хол“, Масачусетс, собира и чита податоци и им овозможува на научниците информации во реално време, во текот на целата година минимизирајќи го влијанието на неговото присуство врз животинскиот свет.

Царските пингвини се идеален вид за проучување


На Јужниот Пол на нашата планета живеат пингвини кои немаат предатори што им се закануваат. Нивното постоење е загрозено само од климатската криза. Доколку емисиите на стакленички гасови продолжат да растат со сегашната стапка, што доведува до затоплување и топење на мразот на Антарктикот, 98 отсто од популацијата на царските пингвини би можеле да исчезнат до 2100 година, според студијата објавена минатата година во списанието „Глобал чејнџ бајолоџи“.

Царските пингвини се идеален вид за проучување во флуктуирачки екосистем бидејќи тие можат рано да покажат дали нешто не е во ред. Со проучување на овие птици, научниците можат да научат многу за ефектите од климатската криза врз Антарктикот.

Не сакаат да ги исплашат пингвините

За овие пингвини се знае многу малку бидејќи Антарктикот не е лесно достапен. Научниците не сакале негативно да влијаат врз колонијата на пингвини. А успешното работење на роботот ECHO покажува дека тоа е можно.

Даниел Зитербарт, научник од Лабораторијата за далечинско набљудување на морски животни, која ги следи пингвините од 2017 година, вели дека сите животни ќе побегнат доколку луѓето се обидат да им пристапат.
 
- Не сакаме да ги плашиме. Нашата цел е да направиме што е можно повеќе за науката со што е можно помало влијание. А луѓето имаат поголемо влијание врз животните отколку што има роботот - вели тој.

Најважно е пингвините да не се плашат од роботите или звуците што ги произведуваат. Долгорочното следење би можело да открие каде пливаат пингвините додека бараат храна или каква било друга промена во однесувањето што укажува на промени во екосистемот.

- Биодиверзитетот во Јужниот Океан е мал во споредба со оној во поумерените клими, па загубата на кој било вид би била катастрофална - вели Зитербарт.

Извор: Telegram.hr
Фото: YouTube/CBS
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука