X
 08.06.2017 Култура

Дали ТВ сериите можат да имаат уметничка вредност?

Теоретичарите на современото општество избегнуваат јасно и конкретно да се постават кон феноменот на телевизијата како уметност и нејзината општествена улога. Според нивното мислење, телевизијата е во постојан развој како комуниколошки медиум.

Умберто Еко, на пример, на телевизијата ѝ припишува, во уметничка смисла, одредена естетска потенцијалност, додека Теодор Адорно, исто така теоретичар на модерната уметност, ја истакнува сложената меѓузависност на техничките, општествените и уметничките аспекти на телевизијата.

Најголем број критичари тврдат дека во современиот свет телевизијата е една од  главните причини за човековата отуѓеност, како медиум кој воспоставува еднонасочна комуникација, без да му овозможи на конзументот-гледачот активно да учествува во истата.

Сепак, едно е сигурно: користејќи ги звукот и сликите како средство за изразување, телевизијата разви свој специфичен јазик, па така за телевизиските остварувања веќе не може да се говори со методите за критика кои се применливи на некои други форми на уметност.

Последните години, односно децении, светот се соочува со феноменот глобализација, која предизвика губење на значењето на традиционалната култура која се заснова на национален концепт. Противниците на глобализацијата, иако пејоративно, можеби и сосема оправдано, ја именуваат како нов светски поредок.

Глобализацијата значи свест за заеднички живот и афирмација на универзални вредности. Но, од друга страна, таа се спротивставува на слободата на човечкиот дух и предизвикува силен отпор кон следењето на претежно англоамерикански културни вредности.

Телевизијата се вклопува во моделот на глобализација во културата пред сите други медиуми затоа што начинот на кој истата комуницира со корисниците е преку пренос на слика и звук на големи далечини.

Во широката понуда на телевизиската продукција, една од позначајните форми на телевизиско творештво се телевизиските серии, кои можат да се класифицираат според жанрот и многу други  критериуми. Слободно може да се каже дека според оригиналноста и потенцијалот, некои од нив заземаат значајно место, а поедини имаат и уметнички претензии, земајќи  ја предвид  комплексноста на темите кои ги обработуваат и начинот на кој тие теми се прикажуваат.

Ова се однесува како на замислата, односно концепцијата на серијата, мотивите кои сака да ги прикаже, општествените и психолошките аспекти, така и на квалитетот на продукцијата, техничките детали, особено сценариото, глумата и режијата, па дури и изборот на музиката.

Зошто Сопранови ја нарекуваат најдобра ТВ драма на сите времиња?

Замислена е како приказна за мафијаш кој оди на терапија заради проблемите кои ги има со својата мајка. Всушност, тоа е приказна за убиец со Едипов комплекс. Проблематичниот карактер на главниот лик, Тони Сопрано, почива на неговиот исконски страв од мајката и сопругата, што го прави она што тој е – масовен убиец.

Користејќи ги мотивите и искуствата од сопственото растење во Њу Џерси, авторот сака да го прикаже идентитетот на италоамериканците и природата на насилството, кое потекнува од определено социјално и семејно опкружување. Во крајна линија, може да се отчита и виктимолошката (наука за жртвите) дефиниција за убиецот како жртва на нарушените односи во општеството, а особено во семејството.

Серијата е амбициозно напишана и софистицирана, наменета за интелигентна публика, со елементи на „сапуница“ и црн хумор. Таа изобилува со уметнички сензибилитет, бруталност и интелигенција, и комплетно е приспособена на таа цел, почнувајќи од мноштвото режисери и сценаристи, па сѐ до најситните технички детали, изборот на локации и музика, од „Кинкс“ до Андреа Бочели. Ликовите се уверливи и искрени, а жанровски серијата претставува комбинација од црна комедија и психолошка драма, која во еден момент  прераснува во комплексна приказна за мафијашот и неговото семејство, која обединува нереален реализам со исто така необичен надреализам.

Стандардите на мафијашкиот жанр се претставени во филмовите Кум  и Добри момчиња, но серијата Сопранови настојува да оди чекор понатаму: авторите, преку анализата на соништата го поврзуваат реалниот живот со надреалното и симболиката што го придружува. Како што главниот лик почнува да го отвора своето срце пред терапевтот, сè започнува да се претвора во психолошка анализа на неговите постапки, за на крај да кулминира во секвенции од сон и монолози со нејасна симболика.

Ова не е класична криминална приказна, ниту омаж на криминалците и криминалот, затоа што Тони Сопрано навистина е одбивен лик со кој речиси и да е невозможна идентификација.

Доушници – телевизиска серија како критика на американското општество


Оваа серија не е создавана според вкусот на пошироката публика. Серијата не е еднодимензионална, класична крими-приказна туку е слоевита и повеќезначна. Таа е насочена кон жестока критика на американското општество. Само првиот серијал говори за класните поделби и расната дискриминација, отворена или прикриена во Америка, за бавноста и неефикасноста на бирократијата и бирократските процедури, специфичности на законодавството кое повеќе е погодно за развој на организиран криминал отколку за спречување, како и за корумпираноста или подобро кажано, бескорисноста на локалните политичари и нивната поврзаност со криминалните структури.

Најжестоките критичари на американското општество потекнуваат од истото општествено милје, и логично е дека истите можат да дадат најаргументирана критика на истото општество со кое се во допир и имаат непосредно искуство. Но, критичките оценки не наидуваат на одобрување од центрите кои ги носат одлуките.

Ноам Чомски – критичар на масовните медиуми


Ноам Чомски е американски научник – лингвист, познат по своите критики на медиумите и политиката, кој до детаљ ја објаснил стратегијата за манипулација со јавноста. Треба да се потенцира дека во периодот од 1980 до 1992 година, Чомски бил најчесто цитираниот жив научник и осми по ред најцитиран научник во светот воопшто. Честопати бил изложен на закани со смрт заради своето критичко мислење. Тој ги критикува масовните медиуми и нивната моќ, тврдејќи дека се комплетно во служба на владата на САД и корпорациите и дека служат за пропаганда со цел на САД да им обезбедат глобална доминација.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура