Долгото гледање телевизија може да го зголеми ризикот од кардиоваскуларни болести, без разлика на генетските предиспозиции на лицето, покажува ново истражување.
Истражувачи од медицинска истражувачка институција во рамките на Универзитетот во Кембриџ и научници од Универзитетот во Хонгконг тврдат дека околу 10 отсто од случаите на коронарна срцева болест може да бидат спречени доколку пациентите гледаат телевизија помалку од еден час дневно. Тие додаваат дека еден од главните ризик-фактори за срцеви болести е долгото седење во текот на денот и немањето физичка активност.
Истражувачите ги донеле заклучоците врз основа на податоци на над 500.000 возрасни лица во Обединетото Кралство кои биле следени над 12 години.
Фото: Pixabay
Било заклучено и дека одредени пациенти имаат генетски предиспозиции за да развијат срцева болест. Меѓутоа, луѓето што гледаат телевизија повеќе од 4 часа дневно имаат поголем ризик од заболување без разлика на нивните гени.
Истражувачите забележале и дека играњето видеоигри го нема истиот ефект, а една причина би можела да биде тоа што повеќето луѓе гледаат телевизија навечер по нивниот најобилен оброк. Ова може да ги зголеми нивоата на гликоза и липиди во крвта. Освен тоа, луѓето почесто јадат и додека гледаат телевизија отколку додека играат видеоигри.
Извор:
European scientist
Насловна фотографија: Pixabay