Сите сме го слушнале предупредувањето: „Зјапањето во екранот цел ден ќе ти го уништи мозокот“. Иако не е толку драматично, сепак постои вистина во оваа порака. Неодамнешно истражување открива дека честата употреба на интернетот може да го промени начинот на кој функционира нашиот мозок.
Американските, австралиските и европските научници откриле дека корисниците кои прекумерно користат интернет имаат полоши резултати на задачите за меморија, а се и порасеани додека читаат. Ова е застрашувачки факт дека на интернет-генерациите и тоа како им штети технологијата како и главна причина зошто помладите генерации, родени во последните 25 години, различно функционираат од постарите генерации.
Научниците им дале мемориски и когнитивни задачи на стотици учесници. Исто така, тие им го скенирале мозокот. Џозеф Фирт, научник од Универзитетот Западен Сиднеј, кој го предводел проектот, вели дека дизајнот на интернетот ги менува структурата и способностите на човечкиот мозок.
- Главните заклучоци од ова истражување е дека интензивното користење на интернетот навистина може да влијае на бројни функции на мозокот. На пример, постојаните известувања и табовите на интернет нè поттикнуваат нашето внимание постојано да биде поделено, што пак може да го намали нашиот капацитет за одржување на концентрацијата на една задача - вели д-р Џозеф.
Најзагрозени се токму децата кои допрва треба да ја развијат концентрацијата и другите ментални вештини. Поради тоа, особено внимание треба да им се посвети токму нив. Д-р Фирт советува дека на децата треба да им се ограничи користењето на интернетот и да се контролира содржината што ја консумираат. Исто така, тој советува да се разговара со децата за нивниот дигитален живот за да се избегне злоупотреба на интернетот, зависничко однесување и искористување.
Професор Џером Сарис, кој бил дел од истражувањето, вели дека е загрижен за промената што се случува во мозокот поради „инстаграмизацијата“ и „интернетизацијата“ на општеството.
- За да се намалат потенцијалните негативни ефекти од интензивно користење на
интернетот, предлагам вежби за концентрација и техники на „интернет хигиена“ што опфаќаат намалување на мултитаскингот и намалено користење на паметни телефони во вечерните часови и зголемување на директната интеракција со другите луѓе - советува професор Сарис.