X
 29.08.2019 Наука

Троја можеби е постара отколку што се мислеше

Древниот град Троја може да е основан шестотини години порано отколку што се сметаше досега. Тоа го покажуваат новите археолошки наоди од раскопините во древниот град.

Археолозите што ја проучуваат северозападната турска провинција Чанаккале, каде што се наоѓа Троја, претпоставуваат дека регионот може да бил во функција на населба повеќе од шест века порано од досега познатото.

Рустем Аслан од катедрата по археологија на Универзитетот „Онсекиз Мар“ изјави дека древниот град Троја бил уништуван и востановуван многу пати поради војни, пожари и земјотреси.

Во рамките на ископувачките дејности извршени во градот во јужниот дел на Дарданелите биле откриени вкупно 10 слоја населби, при што секој слој е именуван и обележан од Троја I до Троја XI. Аслан истакна дека годинава наишле на нов слој, кој одлучиле да го именуваат Троја 0.

- Откривме траги од горење, керамика и дрвени греди во слојот Троја 0. Тоа посочува дека историјата на населбата датира од околу 5500 години пред новата ера - вели тој.

Најверојатно Троја била основана околу 3500 година пр.н.е., како што посочуваат откритијата во слојот Троја 0.

Аслан додаде дека претходно ископаните слоеви на градот припаѓаат на периодот меѓу 3000 година пр.н.е. и 1300 година од н.е., од старогрчко до византиско време.

Владата на Турција ја прогласи изминатата 2018 година за Година на Троја, во чест на 20-годишнината од признавањето на Троја за објект од светско наследство на УНЕСКО.

Стотици илјади гости, вклучувајќи и познати личности од многу општествени области, ја посетиле древната Троја по тој повод.

Распространет меѓу ридовите на Хисарлик и со поглед кон турската егејска крајбрежна рамнина, градот Троја е еден од најпознатите археолошки објекти во светот. Првите ископувања се почнати во 1870 година од Хајнрих Шлиман, кој денес се смета за еден од пионерите на археологијата.

Околностите и ситуацијата околу Тројанската војна се овековечени од грчкиот поет Хомер во неговата епска поема „Илијада“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука