X
 02.04.2020 Живот

Апликација покажува кои веб-страници влијаат врз вашето расположение

Ако во последно време сте нерасположени, не сте единствени. Изолацијата дома и постојаното слушање на најновите вести поврзани со коронавирусот може да влијаат врз расположението. Нова апликација наменета да го следи расположението може да ви помогне да ја разберете својата емоционална состојба.

„Мису“ е апликација која прави фотографии од корисникот додека тој го користи компјутерот. Апликацијата прави анализа на фотографиите со помош на алгоритам за да го препознае расположението на корисникот, а потоа прави процена на веб-страниците што негативно или позитивно влијаат врз неговото расположение.



Фото: Pixabay

Апликацијата може да ги следи изразите на лицето само доколку корисникот гледа во компјутерот. Во еден осумчасовен работен ден апликацијата прави од 200 до 400 фотографии. Секогаш кога се прави фотографија корисникот е известен преку светлото на камерата. Апликацијата препознава детали на изразите на лицето за да предвиди како корисникот се чувствува во текот на денот.

Апликацијата досега била тестирана на податоци од околу 10.000 луѓе преку „Стигма“, апликација за следење на расположението на основачот на „Мису“, Дан Сејдер. „Стигма“ им нуди на корисниците дигитален простор на кој тие може да запишуваат како се чувствуваат. Апликацијата има 250.000 корисници, а околу 10.000 од нив се согласиле апликацијата да прави фотографии од нивните изрази. Сејдер потоа ги искористил податоците на овие корисници за да направи алгоритам за процена на расположението. Резултатот е „Мису“.


Фото: Pixabay

Психолозите и психијатрите сметаат дека ваквите апликации може да им помогнат на пациентите да го следат своето ментално здравје. Сепак, „Мису“ не е замена за терапија и таа не може да направи дијагноза за одредено нарушување.

Во поглед на правилата за приватност, Сејдер вели дека фотографиите се анализираат локално на компјутерот на корисникот и потоа се бришат. Компанијата не ги чува личните информации на корисниците. Засега апликацијата е бесплатна за користење.

Извор: fastcompany.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот