X
 08.06.2019 Живот

Радарот на Националната метеоролошка служба на Америка забележа „облак“ од бубамари широк 130 км

Огромен „облак“ од бубамари оваа недела се појави над Јужна Калифорнија, што беше навистина интересна глетка на радарот на Националната метеоролошка служба.

Настанот, кој се случи ноќта на 4 јуни, покажува облак од бубамари, широк 130 километри, кои летале јужно над високата пустина. Милиони бубамари ја зафатија областа, во различни нивоа на концентрација.

- Големината на групата е збунувачка - вели Тим Кринг, кој раководи со одделот за ентомологија на Техничкиот универзитет во Вирџинија, кој со децении ги истражува бубамарите.

- Секако дека е можно во рамките на периодот од годината - додава тој.

Милион бубамари ја поминуваат зимата во планините на Сиера Невада во Калифорнија, каде што извршуваат нешто слично на хибернација, што се нарекува дијапауза. Кога времето се стоплува, инсектите се „активираат“ за да се разбудат и да најдат храна - најчесто мушички, објаснува Кринг.

Во овој случај, голем број бубамари летаа јужно од планините. Тоа е неверојатен природен настан забележан од радарот.

Но, како метеоролозите знаеја дека облакот на радарот е всушност од бубамари?

Како прво, ноќта беше чиста.

- Дефинитивно не стануваше збор за дожд - вели Адам Росер, метеоролог од Националната метеоролошка служба.

И најважно, радарот на Националната метеоролошка служба, позициониран високо на планините Сан Габриел, го набљудувал облакот од бубамари што патувале кон Сан Диего.

Како што истакнува Кринг, овие бубамари се особено корисни бидејќи јадат и со тоа контролираат големи популации на инсекти. Откако добро ќе се најадат, тие положуваат јајца пред да умрат, а потоа животниот циклус почнува одново.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот