X
 08.06.2020 Наука

Каде почнува вселената?

Доколку прашате некого каде се наоѓа вселената, веројатно ќе ви покаже кон небото. Но, никој не знае каде почнува она што ние го сметаме за вселена. Иако звучи едноставно, одредувањето на оваа граница може да зависи од многу работи.

Компанијата „Вирџин галактик“ планира да испраќа патници до Земјината орбита. Дали овие патници ќе се сметаат за астронаути? Според досегашните практики на САД, одговорот е да.


Фото: Pixabay

Според меѓународните договори, вселената се дефинира како место кое е слободно за истражување и користење од страна на сите, но истото не се однесува на воздушниот простор кој се наоѓа над државите. Може да управувате сателит на височина од 88 километри, доколку вселената почнува на 80 километри од земјата, но доколку границата е на 100 километри, вашиот сателит може да се смета за воена активност.

Потребно е да се одреди оваа граница, но некои земји, меѓу кои и САД, сметаат дека нема потреба од таква дефиниција бидејќи досега не се појавиле легални или практични проблеми. Други земји сметаат дека јасната граница е важна и со неа ќе се овозможи зголемување на бројот на национални и приватни вселенски програми.

Во моментов повеќето експерти се согласуваат дека вселената почнува во точката во која динамичните сили во орбитата стануваат поважни од аеродинамичните сили, односно таму каде што атмосферата не е доволна за да се овозможи летање со суборбитални брзини.


Фото: Pixabay

Во минатото било тешко да се одреди точната висина на оваа точка. Во 20 век унгарскиот физичар Теодор фон Карман ја одредил границата на околу 80 километри над морското ниво. Денес, Кармановата линија е одредена на таканаречената „замислена граница“ на висина од околу 100 километри од морското ниво. Меѓународната воздухопловна федерација, исто така, ја одредува границата на која почнува вселената на 100 километри.

Но, многу агенции ја користат границата на 80 километри. Американските воздухопловни сили ги сметаат за астронаути сите што ќе летаат повисоко од 80 километри. Центарот за управување на вселенски летала на НАСА смета дека границата почнува на 122 километри од морското ниво.

Причината што постои несогласување за границата помеѓу Земјата и вселената е фактот дека атмосферата на Земјата не исчезнува одеднаш, туку постепено станува поретка до висина од околу 1.000 километри. Технички, Меѓународната вселенска станица, која кружи на просечна висина од 390 километри, не би била во вселената доколку ја одредуваме границата според недостиг на атмосфера.

Автор: Надја Дрејк
Извор: nationalgeographic.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука