Дали сме сами во универзумот? Можеби некој, како нас, гледа во небото и се прашува за истата работа. Научниците одамна имаат конкретна формула за одговарање на ова прашање - Дрејковата формула.
Дрејковата формула била создадена од д-р Френк Дрејк во 1961 година, но проблемот со неа е што таа секогаш зависела од повеќе непознати променливи кои не давале прецизен резултат, се` досега. Ново истражување од Универзитетот во Рочестер и Универзитетот во Вашингтон, објавено во „Астробиологија“, ја дополнува Дрејковата формула и дава прецизен резултат за можноста од постоење вонземјани.
Истражувачите пресметале дека луѓето би биле сами во универзумот само доколку шансите за некаков интелигентен живот кој се развива на било која друга планета се помали од околу еден во 10 милијарди трилиони, односно 1 во 10000000000000000000000.
Научниците од двата универзитети стигнале до оваа бројка користејќи податоци од НАСА со кои ги пополниле празните делови од формулата кои ја правеле некомплетна со децении. Овие празни места се поврзани со бројот на ѕвезди кои имале планети кои потенцијално би имале живот, колку често би се развивал интелигентниот живот и колку долго цивилизациите би постоеле пред да изумрат.
Научниците сега знаат дека околу една петина од сите ѕвезди имаат планети во зони погодни за живот. Сепак, 1 во 10 милијарди трилиони се` уште е неверојатно малку. Со тоа, научниците сметаат дека друг интелигентен вид веројатно еволуирал и пред нас.
Иако новото
истражување покажува дека луѓето можеби не се единствените интелигентни видови кои се развиле, научниците не` потсетуваат дека ова не значи дека некогаш ќе контактираме со други видови во универзумот.