X
 28.03.2017 Наука

Супермасивна црна дупка лета низ вселената


Црна дупка
(Фото: Thinkstock)

Вселенскиот телескоп „Хабл“ на НАСА забележа една крајно необична појава во далечната галаксија 3Ц 186.

Спермасивните црни дупки се најголемите црни дупки во универзумот. Нивната маса изнесува меѓу милион и милијарда пати од масата на Сонцето. Истражувањата покажаа дека се наоѓаат во секоја галаксија, вклучително и во нашиот Млечен Пат. Тие влијаат врз формирањето на ѕвезди и го деформираат просторно-временскиот континуум.

Сосема е јасно дека е потребно многу за придвижување на објекти од таков вид, така што навистина е фасцинантно што астрономите во галаксијата 3Ц 186, оддалечена осум милијарди светлосни години од нас, воочиле супермасивна црна дупка која се движи со брзина од осум милиони километри на час.
Во студијата која оваа недела ќе биде објавена во списанието „Астрономија и астрофизика“ се наведува дека оваа интересна појава најверојатно е предизвикана од гравитациони бранови, кои настанале како последица на судар меѓу други две црни дупки.

Галаксијата 3Ц 186 содржи вонредно светло небесно тело – квазар, што не е ништо необично. Квазарите се наоѓаат во средиштето на галаксијата, а својот сјај им го должат на прстенот од гасови што ја опкружува црната дупка во нивното средиште.

Она што навистина беше необично е локацијата на квазарот во галаксијата 3Ц 186, кој е оддалечен 35.000 светлосни години од нејзиното средиште, пишува Independent.

Дополнителни мерења со други инструменти го потврдија откритието на „Хабл“.

Бидејќи во галаксијата е забележан и танок лак од ѕвезди што настанува при судир на две галаксии, научниците претпоставуваат дека 3Ц 186 неодамна се судрила со друг систем, при што дошло до соединување на нивните црни дупки.

Што се случувало понатаму, може само да се претпоставува. Главна теорија е дека двете црни дупки почнале да кружат една околу друга, испуштајќи гравитациски бранови. Ако црните дупки немале иста или слична маса, најверојатно во еден правец биле испратени повеќе бранови отколку во спротивната насока.
Кога процесот на спојување завршил, формираниот објект најверојатно се одбил од гравитациските бранови и продолжил да се движи во спротивна насока.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука