Оваа седмица започнува еден од највозбудливите спортски настани во Европа - Европското првенство во фудбал (ЕУРО 2020). Првенството требаше да се одржи минатото лето, но беше одложено поради пандемијата. Еве што треба да знаете пред почетокот.
Како функционира првенството?
Вкупно 24 фудбалски репрезентации се поделени во шест групи, во кои секоја селекција игра против другите во истата група. Првиот круг на натпревари ќе се одржи од 11 јуни до 23 јуни. Првопласираните две репрезентации во секоја група и четирите најдобро третопласирани ќе одат во следниот круг од 16 национални тимови што ќе започне на 26 јуни. Оттука се игра со процес на елиминации до финалето на 11 јули.
Шесте групи се:
Група А: Италија, Швајцарија, Турција и Велс
Група Б: Белгија, Данска, Финска и Русија
Група Ц: Австрија, Холандија, Македонија и Украина
Група Д: Хрватска, Чешка, Англија и Шкотска
Група Е: Полска, Словачка, Шведска и Шпанија
Група Ф: Франција, Германија, Унгарија и Португалија.
Каде се одржува првенството?
Овој пат првенството се одржува во 11 града во 11 земји во Европа, за разлика од минатите првенства кога натпреварите се играле во една или две држави. Земјите во кои ќе се играат натпреварите од првите групи се Рим и Баку (Група А), Санкт Петербург и Копенхаген (Група Б), Амстердам и Букурешт (Група Ц), Лондон и Глазгов (Група Д), Севилја и Санкт Петербург (Група Е) и Минхен и Будимпешта (Група Ф).
Натпреварите од следните кругови ќе бидат одиграни во Амстердам, Букурешт, Будимпешта, Копенхаген, Глазгов, Лондон и Севилја.
Четврт-финалињата ќе се играат во Баку, Минхен, Рим и Санкт Петербург, а полуфиналињата и финалето ќе се играат во Лондон, на стадионот „Вембли“.
Дали обожавателите ќе може да ги гледаат натпреварите?
Ќе биде дозволено присуство на ограничен број обожаватели на стадионите, а капацитетот зависи од градот-домаќин, иако Будимпешта планира да организира натпревари со полн стадион.
Фото: Pixabay
Зошто првенството се вика Еуро 2020, а се одржува во 2021?
Минатиот април УЕФА одлучи да го задржи оригиналното име на првенството како потсетување дека целото фудбалско семејство се здружи да одговори на ситуацијата поврзана со ковид-19 и тешките времиња низ кои поминала Европа, но и светот во 2020 г.
Кои се фаворити?
Франција е главен фаворит за овогодишното првенство, а следуваат Англија, Белгија, Германија и Италија.
Кои се нови држави што првпат играат во првенството?
Финска досега не се квалификувала за светско или европско првенство во фудбал, а дебитант е и Македонија, која првпат во својата историја ќе игра на едно големо меѓународно првенство во фудбал.
Фото: Pixabay
Која е најтешка група?
Повеќето од шесте групи се еднакво балансирани и треба да бидат компетитивни, но групата Ф се смета за најтешка бидејќи во неа се Франција, Германија и Португалија, како и Унгарија.
Кои се најдобри играчи?
Французинот Килијан Мбапе бил тинејџер кога играл за Франција на Светското првенство во 2018 година. Тогаш дал четири гола и бил прогласен за најдобар млад играч. Сега има 22 години и ќе ја води Франција кон победи.
Португалецот Кристијано Роналдо, Германецот Серж Гнабри, Полјакот Роберт Левандовски, како и Белгиецот Ромелу Лукаку и Англичанецот Хери Кејн се некои од најдобрите играчи што ќе учествуваат во првенството.
Првенството може да им овозможи пробивање и на Англичанецот Фил Фоден и Италијанецот Мануел Локатели.
Други промени што треба да ги знаете
На тимовите им се дозволени најмногу пет замени во натпреварите и дополнителна, шеста, доколку се игра продолжение. Но, тренерите имаат само три дозволени периоди за да прават замени. Тука не се вклучени замените направени за време на полувремето на натпреварот, како и на полувремето на продолжението.
На листите, тимовите може да вклучат 26 играчи, повеќе од вообичаените 23. Но тимовите може да имаат најмногу 23 играчи на клупа во пресрет на секој натпревар.
Освен тоа, од оваа година случајната игра со рака од играч во напад кон противничкиот гол повеќе нема да се казнува.
Автор: Џон Молинаро
Извор:
Sports Net