X
 15.11.2018 Живот

Ова е најмоќната жена во најпопуларниот спорт меѓу мажите

Познато е кој ќе го наследи Ричард Скадамор на местото извршен генерален директор на Премиер лигата. Тоа ќе биде 51-годишната Сузана Диниџ, која до неодамна беше глобална претседателка на телевизијата „Анимал планет“ што е во состав на „Дискавери“.

Диниџ ќе ја преземе новата улога во јануари следната година, кога завршува мандатот на Скарамор, кој е речиси 20 години на таа функција.

- Возбудена сум што добив можност да се испробам во оваа фантастична улога. Премиер лигата е многу важна за огромен број луѓе. Ова е врвот на професионалниот спорт, а да имате можност да предводите толку динамична и инспиративна организација е вистинска привилегија. Со поддршката од клубовите и од колегите, едвај чекам да продолжам со успесите на Премиер лигата во следните години - истакна Сузана.

Брус Бак, челникот на комитетот кој ја донесе одлуката за новиот генерален директор, изјави дека Диниџ е извонреден избор за таа позиција.

- Многу сме среќни што ќе имаме толку способен лидер во многу важна улога. Имавме добри кандидати, но Сузана се истакна врз основа на својата мината работа во водење сложени компании низ периодот на дигитализација. Таа е водечка фигура во телевизиската индустрија, докажано успешна во работата со луѓето и развојот на нивните таленти. Таа има идеални квалитети потребни за оваа работа и убедени сме дека ќе ја однесе Премиер лигата до нови висини - истакна тој.

Диниџ доаѓа во Премиер лигата во време на сјајно „здравје“ на компанијата, која само во сезоната 2016/2017 имаше обрт од околу 4,5 милијарди фунти, а се предвидува дека тие бројки само ќе се зголемуваат во следните две години. Нејзиниот претходник го трансформира англискиот фудбал преку монетизирање на ТВ-правата, а сега целта на Сузана ќе биде да обезбеди непречено функционирање на исплатливиот систем на работење.

Се очекува Скадамор да добие подарок за пензионирање во вредност од 5 милиони фунти и секој од 20-те клуба од Премиер лигата да учествува со по 250.000 фунти за да го наградат човекот кој е заслужен за цутот на Премиер лигата.

Диниџ има големо искуство во преговарањето околу големите договори во врска со телевизиските права, а познато е дека имаше судир со телевизијата „Скај“, која ќе биде еден од главните партнери на лигата во иднина, па се очекува тие односи брзо да се затоплат.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот