Арсенал, Челси, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем се меѓу 12. клубови што ќе ѝ се придружат на новата Европска суперлига (ЕСЛ). Во сеизмичкиот потег за европскиот фудбал, на клубовите од Премиер лигата ќе им се приклучат и италијанските Јувентус, Милан и Интер, како и шпанските Атлетико од Мадрид, Барселона и Реал Мадрид.
Соопштено е дека клубовите-основачи се согласиле да воспостават „ново натпреварување кое ќе се одржува на средината од неделата“ со тимови кои и понатаму „се натпреваруваат во своите национални лиги“. Во соопштението се наведува дека сезоната би требало да почне штом ќе биде можно и се предвидува дека ќе се придружат уште три клуба. Од Европската суперлига е соопштено дека се планира лансирање на женско натпреварување што е можно поскоро по започнувањето на машкиот турнир.
Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, УЕФА и Премиер лигата го критикуваа потегот по објавувањето на вестите вчера попладне. Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) претходно соопшти дека нема да признае такво натпреварување, а дека на играчите што би се натпреварувале во лигата би можело да им биде скратено правото да играат на Светското првенство. УЕФА, раководното фудбалско тело во Европа, вчера го повтори предупредувањето соопштувајќи дека на играчите што ќе играат во Европската суперлига ќе им бидат забранети сите други натпреварувања на домашно, европско или на светско ниво. Исто така, би можело да им биде оневозможено играњето за националните тимови. Откако беше објавено дека е основана Суперлигата, ФИФА изрази неодобрување на предложеното натпреварување и ги повика сите страни вклучени во жолчната расправа да се вклучат во смирен, конструктивен и урамнотежен дијалог за доброто на играта.
Во соопштението од ЕСЛ наведуваат: Клубовите-основачи се радуваат на разговорите со претставниците на УЕФА и на ФИФА за заедно да работат во партнерство кон постигнување на најдобрите резултати за новата лига и за фудбалот во целина.
Зошто сега?
За новото натпреварување вредно околу 6 милијарди долари, кое би требало да ја замени постојната Лига на шампиони, се преговараше во октомври, а во разговорите беше вклучена и банката „Џеј Пи Морган“.
УЕФА се надеваше дека плановите за новата реформирана Лига на шампиони со 36 тима ќе го спречи формирањето на Суперлигата. Меѓутоа, 12. страни вклучени во Суперлигата не мислат дека реформите одат доволно далеку. Тие истакнаа дека глобалната пандемија ја забрзала нестабилноста во постојниот европски фудбалски економски модел.
- Последните месеци се одвиваше опсежен дијалог со фудбалските актери во врска со идниот формат на европските натпревари. Клубовите-основачи веруваат дека решенијата предложени по овие разговори не ги решаваат основните прашања, меѓу кои се потребите за обезбедување поквалитетни натпревари и дополнителни финансиски средства за целокупната фудбалска пирамида - додадоа тие.
Каков е предложениот формат?
Лигата ќе има 20 тима - 12. членови-основачи плус 3 клуба чии имиња засега не се познати, како и 5 клуба што ќе се квалификуваат годишно врз основа на постигнувањата во домашните лиги.
Според предлозите, натпреварувањето би започнувало во август секоја година, натпреварите би се играле на средината од седмицата, а клубовите би биле поделени во две групи од по 10 клуба, играјќи меѓусебно дома и на гости.
Првите три клуба од секоја група би се пласирале во четвртфинале, а четвртиот и петтиот би играле двомеч во бараж за останатите две места.
Би следувал нокаут-формат, како што постои во Лигата на шампиони, а финалниот натпревар би се играл во мај на неутрален терен.
Од ЕСЛ соопштија дека ќе генерираат повеќе пари од Лигата на шампиони и дека ќе резултира со поголема распределба на приходите додека трае лигата.
Што велат лидерите на Суперлигата?
Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, првиот претседател на ЕСЛ, истакна дека новото натпреварување ќе му помогне на фудбалот на сите нивоа.
- Фудбалот е еден глобален спорт со повеќе од 4 милијарди навивачи и наша одговорност како големи клубови е да одговориме на нивните желби - рече тој.
Претседателот на Јувентус, Андреа Ањели, даде оставка во Извршниот одбор на УЕФА и од местото претседател на Европската асоцијација на клубови, која ги туркаше планираните реформи во Лигата на шампиони. Тој истакна дека 12. клуба се обединиле во овој критичен момент, овозможувајќи му на европското натпреварување да се трансформира, ставајќи ја играта која ја сакаме на одржлива основа за долгорочна иднина.
Копретседателот на Манчестер јунајтед, Џоел Глејзер, ќе биде потпретседател на Суперлигата.
- Собирајќи ги најголемите светски клубови и играчи да играат едни со други во текот на целата сезона, Суперлигата ќе отвори ново поглавје за европскиот фудбал, осигурувајќи натпреварување и објекти од светска класа и зголемена финансиска поддршка за поширока фудбалска пирамида - истакна тој.
Какви се реакциите?
Во основа, широка осуда од сите што не се вклучени во предложената лига.
Британскиот премиер Борис Џонсон истакна дека плановите ќе бидат многу штетни за фудбалот, а францускиот претседател Емануел Макрон ја поздрави одлуката на француските клубови кои одбија да се придружат.
УЕФА објави заедничко соопштение со Англиската фудбалска асоцијација, Премиер лигата, Шпанската фудбалска асоцијација, Ла Лига (шпанската Примера), Италијанската фудбалска федерација, како и Серија А (италијанската прва лига), истакнувајќи дека ќе останат обединети во обид да го запрат отцепувањето користејќи ги сите расположливи мерки.
Европската асоцијација на клубови соопшти дека силно се спротивставила на Европската суперлига, додека Здружението на фудбалски навивачи истакна дека плановите се мотивирани од цинична лакомост.
Меѓу некогашните професионалци, поранешниот играч на Ливерпул и Тотенхем, Дени Марфи, истакна дека плановите звучат бездушно.
Поранешниот капитен на Манчестер јунајтед, Гари Невил, пак, рече дека е апсолутно згрозен, додека неговиот поранешен соиграч Рио Фердинанд истакна дека предлозите ќе бидат најштетни за навивачите.
Насловна фотографија: Pixabay