X
 08.07.2020 Живот

Што сѐ има во еден луксузен бункер за спасување во случај на апокалипса?

Доколку имате план за спасување во случај на апокалипса, веројатно не сте единствени. Но, сигурно вашиот план не е ист како тој на најбогатите луѓе на планетата. Нивниот план вклучува и подземен базен и вештачка карпа за качување.

„Срвајвл кондо“ е поранешен силос кој сега е луксузен комплекс од станови кој на најбогатите луѓе во светот им нуди шанса да дочекаат можна апокалипса во луксуз. Местото се наоѓа 60 метри под земја среде Канзас, на околу 320 километри од Канзас Сити. Изградено било за време на Студената војна како локација за лансирање нуклеарна ракета.


Фото: YouTube

Бункерот има ѕидови дебели 9 метри кои треба да бидат отпорни на сè, од торнада до нуклеарни бомби. Тој е обезбеден 24 часа дневно, а сето ова има цена. Почетната цена за стан во комплексот изнесува 1 милион долари, а згора на тоа, потребни се околу 2.500 долари месечно за покривање на трошоците за живот, како електрична енергија, вода, интернет итн.

Однадвор бункерот не изгледа фасцинантно, но внатре може да се најде еден од најлуксузните и најуникатни станбени комплекси во светот. Бункерот има 15 ката под земја. Најгоре има парк за миленичиња, вештачка карпа за качување и базен. Подолу во бункерот има и медицински установи, продавница за храна, училница и библиотека, кино, бар и вежбалница со сауна.


Фото: YouTube

Во бункерот има и просторија за деконтаминација во случај на зрачење од бомба. Секој што купува стан во комплексот обезбедува и список на интереси, а вработените во бункерот преземаат информации кои би можеле да се користат за забава и рекреација во случај на пад на интернетот.

Во план е изградба на уште еден бункер во близина кој ќе биде трипати поголем од првиот. Веќе има листа на чекање за луѓе што сакаат да купат стан.


Автор: Клер Рајли
Извор: cnet.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот