X
 03.08.2017 Наука

Научниците со предупредување за мистериозните дупки во Сибир


Мистериозните дупки во Сибир


Мистериозните големи дупки што од 2014 година почнаа да се појавуваат во вечниот мраз во Сибир би можеле да бидат дел од процесот кој ќе предизвика  „маѓепсан круг“ на забрзување на глобалното затоплување до состојби кои владееле пред повеќе од 130.000 години, предупредуваат научниците.

Имено, експертите сметаат дека отворањето на сибирските кратери е само еден од видливите знаци на забрзаното топење на пермафростот, каде што се складирани големи количини стакленички гасови, како јаглеродниот диоксид (CO2) и метанот (CH4).

Опасна, маѓепсана јамка


Околу 24 проценти од копнените подрачја на северната хемисфера се покриени со вечен мраз. Според научните процени, во пермафростот се заробени околу 17.000 гигатони органски јаглен. Од тоа, само со топењето на сибирските краишта би можело да се ослободат околу 1.000 гигатони. Како што гасовите се ослободуваат во атмосферата, така создаваат ефект на стакленик во кој се заробуваат сончевите зраци во инфрацрвениот, топлински дел од спектарот, со што се зголемува температурата на атмосферата. Притоа треба да се има на ум дека според Меѓудржавниот панел за климатски промени при ОН (IPCC), метанот е дури 86 пати посилен стакленички гас од јаглеродниот диоксид. За среќа, овој потенцијал на метанот со текот на времето, за 10 до 20 години, постепено опаѓа, бидејќи се разложува во јаглероден диоксид.

„Последен пат пермафростот се топел пред 130.000 години. Тоа е природна појава врз која влијаат промените во орбитата на Земјата“, изјавил за „Ејжа Уан“ доктор Гидеон Хендерсон, професор на Универзитетот „Оксфорд“.

„Но без преседан е брзината со која денес се случува ова топење. Затоплувањето што се случило пред 130.000 години траело илјадници години. Денешното затоплување се случува во само десетици години, односно векови“, предупредува тој.

Се наближуваме кон критичната точка

Една студија, која Хендерсон ја претстави во јуни 2013 година на конгресот на Геолошкото друштво во Лондон, покажа дека само со зголемување на температурата за 1,5 степен во споредба со прединдустрискиот период, би била доволна да се покрене големо растопување на пермафростот. Просечните температури денес во светот се околу еден степен повисоки во однос на прединдустриските, а се проценува дека критичната точка од 1,5 степен би можела да се достигне за 10 до 30 години.

Но, во оваа сторија клучно е прашањето со која брзина денес се случува тоа растопување, како и колкави количини на стакленички гасови се ослободуваат во атмосферата, што засега сè уште е непознато.

Според  Хендерсон, исто така не е јасно кои видови гасови и во колкави проценти се ослободуваат и дали се разградуваат во метан или на јаглероден диоксид.

Дупки опасни за животот

Првиот кратер на полуостровот Јамал во Сибир, со дијаметар околу 80 метри, се појави во јули 2014 година. Вториот, кој бил пронајден на неколку стотици километри подалеку на истиот полуостров, имал дијаметар од околу 15 метри, а третиот настанал во близина на селото Носок во покраината Краснојарск, со дијаметар од 4 метри. Подоцна се појавила цела низа од такви кратери, но и повеќе од 7.000 меури под земјата, кои укажуваат дека во нив се собираат ослободените гасови што настануваат со растопувањето на замрзнатото земјиште, што упатува дека на тие места исто така можат да се појават нови дупки.

Британскиот геолог д-р Крис Фогвил смета дека големите дупки се феномен познат како пинго – кружни резервоари на мраз во пермафростот, кои кога-тогаш можат да добијат конусна форма слична на вулканските. Овие резервоари се создаваат кога подземната вода од некој извор се подигнува и замрзнува на површината. Така се создаваат своевидни куполи кои растат по неколку сантиметри годишно. Истите во определен момент можат да се срушат, оставајќи кратери зад себе. Глобалното затоплување би можело да ги забрза ваквите процеси.

Формацијата на дупки во Сибир не претставува само сериозна опасност за климата, туку и за локалното население. Тие можат да ја дестабилизираат вкупната локална инфраструктура – железничките пруги, зградите, па дури и цели населби. Освен тоа, метанот е лесно запалив гас, па при неговото ослободување би можеле да се случат експлозии кои можат да ги загрозат и човечките животи. Такви експлозии веќе се забележани во Сибир.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука