Од ефектите на аерозагадувањето во Битола утврдивме дека 15 отсто од смртноста кај населението се должи на аерозагадувањето, изјави професор д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје на меѓународна конференција во Битола.
Според Ѓоргев, потребни се конкретни мерки затоа што новите препораки за заштита од аерозагадување на Светската здравствена организација се построги.
- Од ефектите на аерозагадувањето во Битола утврдивме дека 15 отсто од смртноста кај населението се должи на аерозагадувањето. Тоа значи 15 отсто надминување на лимитот што го дава Светската здравствена организација - СЗО, додека нешто помал е лимитот што се надминува утврден од Европската Унија. Мерењето на овие проценти се врши затоа што тоа се случаи кои може да се спречат. Со акции можеме да спасиме животи и затоа потребна е мотивација за екоакции кои не треба да ги организираат само политичарите, туку и граѓаните, стопанските објекти, интерсекторско организирање на акции кои ги има во планот на овој проект, треба да се знае дека новите препораки на СЗО се уште построги и затоа аерозагадувањето треба да биде приоритет број еден што треба да се решава, без оглед на други проблеми во заедницата - посочи Ѓорѓев.
На завршната конференција во Битола, професорот Ѓорѓев предочи дека со аерозагадувањето најмногу се напаѓаат белите дробови и затоа има респираторни болести, но студиите покажуваат дека речиси и да нема орган кај човекот кој не страда од аерозагадување.
- Влегувајќи во крвотокот, честичките ги оштетуваат крвните садови, предизвикуваат исхемични болести, срцев удар, дијабетес, односно аерозагадувањето предизвикува нарушување на регулаторните механизми во организмот, а со тоа страда цел организам. Најчест извор на загадување и понатаму е греењето, кое мора сериозно да се ресетира без крпење-лепење, и хаотичниот сообраќај да се стабилизира, со што аерозагадувањето може да се намали до 50 отсто - рече Ѓорѓев.
Резултатите од проектот ги следеше и Христина Оџаклиеска, заменик-министер за животна средина и просторно планирање и најави активности за подобрување на капацитетите на општините и јакнење на институционалната соработка на локално и централно ниво.
- Загадувањето на воздухот претставува сериозен проблем со кој особено се соочуваат поголемите градови во земјава. Неопходна е координирана соработка меѓу сите релевантни фактори во општеството за да може да се видат промени на состојбите на терен. Очекувам од овој проект подобрување на состојбите во животната средина, посебно на квалитетот на воздухот, а оваа активност треба да биде континуирана за со тек на време да видиме и подобри резултати. Подобрувањето на капацитетите на општините и соработката на локално и централно ниво несомнено треба да даде резултати - нагласи Оџаклиеска.
На меѓународната конференција се обратија замениците на градоначалниците на Битола и на Лерин, Филип Стојановски од Центарот за климатски промени, универзитетскиот професор Дејан Мираковски и други експерти вклучени во проектот поддржан од ЕУ.
Извор: МИА