X
 08.08.2018 Наша тема

Каде во Македонија има најмногу невработени магистри и доктори на науки?

Зголемувањето на бројот на магистри е во тесна врска со воведувањето на Болоњскиот систем, кој во Македонија почна да се практикува во 2004 година


Како се зголемувал бројот на магистри во Македонија од осамостојувањето до денес, за да дојдеме до бројката од околу 1.000 евидентирани невработени граѓани со завршен втор циклус на студии? Според последните податоци на Агенцијата за вработување на Република Македонија од пред три месеци, во земјава во моментот има 12.133 невработени граѓани со завршено високо образование, 957 магистри и 34 доктори на науки што се без работа.

Графика: Ања Несторова

Од осамостојувањето во 1991 до 2008 година бројките на магистрирани студенти варираат горе-долу со извесни отстапки. Во овој период од 17 години најмалку магистри има во 1996 година, вкупно 43, а најмногу во 2007 година – 272. Бројката првпат рапидно (речиси двојно од претходната) се зголемува во 2009 година кога магистрирале 419 студенти. Најголемиот пораст се случува во 2011 година кога магистрирале 1.097 студенти. Најмногу магистри во историјата на самостојна Македонија имало во 2015 година – вкупно 2.202.

Како се движеле бројките во изминатите 27 години

Зголемувањето на бројот на магистри е во тесна врска со воведувањето на Болоњскиот систем, кој во Македонија почна да се практикува во 2004 година. Со системот беше овозможено бруцошите да запишат магистратура уште на почетокот на студирањето (3 плус 2 години) и за пет години да добијат диплома за завршен втор циклус на студии.

Многумина сметаат дека Болоњскиот систем имплицира негативни ефекти во македонскиот образовен систем. Социологот Илија Ацески, редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, вели дека Болоњскиот систем е една од причините за уривање на квалитетот на студиите во Македонија, а слични изјави давале и многу други професори.

Уписи на еден од скопските факултети

Според податоците на Државниот завод за статистика, во изминатите 27 години во Македонија дипломирале вкупно 164.234 студенти, магистрирале 14.865 студенти, а диплома за доктори на науки добиле 2.811 студенти. Во пригодното издание по повод 25 години од осамостојувањето, од Државниот завод за статистика наведуваат дека студентите најмногу се интересирале за општествените и хуманистичките науки, а потоа следуваат техничките, медицинските, биотехничките и природно-математичките науки.
- Во 2015 година дури 69,7 отсто од студентите во високото образование дипломирале во областа на општествените и хуманистичките науки – велат од Заводот.

Градови со најмногу невработени високообразовани кадри

Според последните податоци на Агенцијата за вработување, во моментот во земјава има вкупно 11.735 невработени граѓани со високо образование, од кои 7.428 се жени. Од вкупно 957 невработени магистри, 600 се жени. Во невработеноста на доктори на науки има полова еднаквост – по 17 мажи и жени (вкупно 34 доктори на науки што се без работа).

Невработени високообразовани кадри по градови. Графика: Ања Несторова

Очекувано, најголемиот дел од невработените високостручни кадри живеат на територијата на Скопје - 254 магистри и осум доктори на науки. Следува Битола со 92 магистри и четири невработени доктори на науки, Прилеп со 75 магистри (без доктори на науки), Тетово со 69 магистри и 5 доктори на науки, па Куманово со 58 магистри и 3 доктори на науки.

Најмногу невработени граѓани што завршиле факултет има во Скопје – вкупно 2.211. Следуваат Тетово со 1.358, Битола со 1.040, Куманово 960, Прилеп со 912.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема