Со отворањето на училиштето „Ветувам“ (I Promise), кошаркарската ѕвезда Леброн Џејмс направи голем чекор со кој зад себе ќе остави многу повеќе од спортските успеси.
Училиштето ќе почне со работа оваа година и во него ќе учат 240 деца од социјално ранливи семејства, а плановите се бројот на ученици да се зголеми на илјада до 2022 година. Засега ќе има само трето- и четвртоодделенци, а потоа се планира проширување. Освен образованието, децата во ова училиште ќе добијат и бесплатни униформи, бесплатни оброци, велосипед и кацига, како и стипендија за Универзитетот во Акрон.
Џејмс објасни зошто сметал дека е важно секое дете во неговото училиште да добие и велосипед, истакнувајќи ја слободата што му ја давал велосипедот кога тој бил дете.
- Сѐ што правам доаѓа од моето детство, од моето растење и од она што чувствувам дека било дел од мојот успех. За мене, велосипедот беше единственото средство со кое можев да се движам низ градот. Ако сакав да се сретнам со пријателите, да патувам низ градот, да одам на училиште, да играм кошарка, што и да е, со велосипедот одев секаде - објасни
кошаркарот.
Но, тој додава дека тоа било само дел. Велосипедот претставувал и слобода, вели Џејмс.
- Кога јас и моите пријатели ќе се качевме на велосипед, само возевме. Некогаш дури и ќе се загубевме бидејќи возевме по многу време. Но, имавме чувство на радост. Немаше нешто што можеше да нѐ запре. Се чувствувавме како да сме на врвот на светот - истакнува Леброн.
Џејмс веќе направи повеќе од очекуваното за неговата заедница со тоа што го изгради училиштето и им обезбеди место на децата каде што ќе учат, а со тоа што им дава и велосипеди, јасно е дека тој сака да има поголемо влијание.