Луѓето што возат велосипед до работното место пијат помалку антидепресиви, покажува ново истражување.
Истражувањето опфатило околу 380.000 луѓе што живеат во Шкотска, а покажува дека возењето велосипед до работа го намалува ризикот од депресија и анксиозност.
Возењето велосипед до работа ги намалило рецептите што лекарите ги препишувале за ментално здравје повеќе за жените отколку за мажите, според истражувањето на Универзитетот во Единбург - иако мажите имаат поголема веројатност да возат велосипед.
Истражувачите комбинирале податоци за 378.253 луѓе на возраст од 16 до 74 години од пописот на Шкотска во 2011 година со податоци за рецепти од британската Национална здравствена служба за наредните пет години.
Испитаниците се од Единбург и Глазгов, живеат во круг од километар и пол велосипедска патека и немале добиено рецепти за антидепресиви на почетокот на истражувањето.
Истражувачите откриле дека биле напишани 15 рецепти помалку поврзани со депресија или анксиозност меѓу велосипедистите во петте години по 2011 година, во споредба со оние што не возеле велосипед.
- Откривме дека овој економски и одржлив метод на патување го подобрува и менталното здравје, укажувајќи на тоа дека политиките за инвестирање во велосипедски патеки и поттикнување активно патување најверојатно ќе имаат широк опсег на предности - вели водачот на истражувањето, професор Крис Дибен од Факултетот за геонауки на Универзитетот во Единбург.
Тој истакна дека ова не само што може да го подобри менталното здравје на луѓето, туку може да помогне и да се намали метежот на патиштата и загадувањето на воздухот.
Извор:
n1info.rs
Фото: Freepik