X
 26.06.2024 Живот

Овој град им плаќа на жителите да возат велосипед, можат да заработат до 130 евра месечно

Замислете да одите на работа или на факултет со велосипед - полесно поминувате низ градскиот сообраќај, не треба да се мачите со барање паркинг или во преполните автобуси, а градот и финансиски ве стимулира...

Сѐ повеќе европски градови одлучуваат да ги стимулираат своите граѓани што помалку да користат автомобили за да ја намалат емисијата на јаглероден диоксид и да ја зачуваат животната средина. Голем дел од нив го промовираат возењето велосипед, кое покрај еколошките придобивки има влијание и врз здравјето на населението. Така властите во Фиренца решиле да ги стимулираат сите што возат велосипед до нивните дестинации.

Поточно, градот решил да ги награди оние што користат велосипед наместо моторни возила на секојдневниот пат од дома до работа или факултет.

Целта е да се променат навиките


Градот издвоил 1,2 милиони евра, а со овие средства ќе ги поттикнува возачите да ги остават моторните возила и да користат велосипеди за секојдневно движење низ градот, почнувајќи од 3 јуни во период од една година. Целта е на граѓаните да им се даде доволно време да стекнат навика да користат велосипеди и да се свртат кон поздрави начини на превоз.

Програмата се вика „Возете велосипед, Фиренца ве наградува“.

Учесниците имаат можност да заработат до 30 евра месечно, плус уште 100 евра бонус награда. Имено, тие добиваат 20 центи за поминат километар и дополнителни пет центи доколку користат обичен велосипед, сѐ додека останат во границите на општина Фиренца.

Километрите ги бележи апликација и има дополнителни награди за најактивните

Новите велосипедисти ќе бидат наградени со малку повеќе пари, но во планот се вклучени и оние што веќе користат велосипед секој ден. Ќе добиваат 15 центи за километар, 5 центи помалку од новите возачи. За учество во програмата било неопходно заинтересираните да се пријават, како и да ја преземат апликацијата и да се регистрираат на платформата „Пин бајк“.

По регистрацијата, велосипедистите добиваат уред кој е патентиран против измама. Открива дали кандидатот навистина возел велосипед, која маршрута и колку километри поминал.

200 корисници што ќе соберат најмногу поени на апликацијата ќе добиваат дополнителен бонус од 100 евра секој месец. Покрај поминатите километри, ќе биде наградено и учество на разни настани и анкети.

Добро за вашето здравје, но и за вашиот паричник


Според пресметките на експертите, човек со околу 70 килограми ќе потроши од 250 до 300 калории за половина час возење велосипед со умерена брзина. Дополнително, важна ставка е и заштедата на пари.

Ако поминувате многу време во автомобилот, особено ако заглавите во сообраќаен метеж, сигурно трошите повеќе пари на гориво.

И затоа, со или без парична стимулација, време е да размислиме за оваа опција, а три големи причини се доволни за да започнеме - здравје, заштеда на пари и зачувување на животната средина.

Извор: 6yka.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот