Австралиската агенција за квалитет на образованието повика на големи промени бидејќи земјата се соочува со недостаток од наставници.
Австралискиот Институт за настава и школско раководство најави дека ќе регрутира работници со универзитетски дипломи за да заработуваат додека учат. Федералниот министер за образование Џејсон Клер неодамна рече дека бројот на наставници на обука се намалил за 16 отсто од 2012 година.
-Има повеќе деца во училиштата од кога било, но има сѐ помалку луѓе кои студираат наставни насоки. Сѐ повеќе наставници порано ја напуштаат професијата или поради прегореност или поради други причини - истакна тој.
Клер додаде дека федералната влада нуди стимул и до 40.000 долари за најдобрите и најбистрите дипломци да станат наставници. Целта на програмата е и да охрабри повеќе професионалци да му се приклучат на образовниот систем.
Предлогот на институтот е со цел кариерата како наставник да се направи атрактивна, нудејќи високи награди за најдобрите наставници. Тие наставници исто така би обучувале наставници-почетници.
Наставник од руралните предели на Нов Јужен Велс истакнал дека слични стимули им се нудат и на наставници кои се нафаќаат да предаваат во зафрлени области. Бонуси, меѓу кои и значителни субвенции за кирија, се меѓу стимулансите за вештите наставници кои предаваат во училишта каде што е потребно.
Најавата следи по веста дека на повеќе од илјада наставници кои не сакале да се вакцинираат против ковид-19 им било дозволено да се вратат во училниците, иако од наставниот кадар во Австралија се бараше да е целосно вакциниран.
Наставниците во Австралија штрајкуваа три пати од декември 2021, барајќи подобри плати и услови.
Извор:
news.com.au
Фото: Pixabay