X
 20.12.2019 Живот

Австралискиот премиер се извини што замина на одмор додека земјата се бори со пожари

Австралискиот премиер Скот Морисон се извини поради тоа што замина на семеен одмор на Хаваи во момент кога критичната ситуација со пожарите во земјата дополнително се влошуваше.

Пожарникарските служби се борат со над 100 пожари во време кога Австралија е погодена од рекордни горештини. Освен тоа, вчера настрадаа двајца пожарникари во несреќа додека оделе на задача во близина на Сиднеј, што дополнително го разгоре незадоволството во јавноста.

Морисон соопшти дека порано ќе се врати од одмор, што неделава беше причина и за протести во земјата. Министрите во неговата влада го бранеа одењето на одмор на Морисон, но одбиваа да кажат каде се наоѓа. Неговата канцеларија негираше дека е на Хаваи. Подоцна тој потврди дека е со семејството на Хаваи, посочувајќи дека редовно добива извештаи за состојбата со пожарите.

- Длабоко жалам ако со своето заминување на семеен одмор повредив кого било од многубројните Австралијци погодени од страшните пожари - изјави Морисон.

Во пожарите, кои од септември ја зафатија земјата, досега загинаа осум лица, уништени се 700 дома и изгорени се милиони хектари земјиште.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот