X
 08.09.2021 Живот

„Алтос лабс“ - новата компанија на Џеф Безос што ќе овозможи долговечен живот

Милијардерите Џеф Безос и Јури Милнер финансираат нова компанија за биотехника со цел да откријат начини за „враќање“ на стареењето.

„Алтос лабс“ е компанија регистрирана во САД и Обединетото Кралство на почетокот од оваа година и собра најмалку 270 милиони долари за анализа на технологија за репрограмирање на клетките за да го врати биолошкиот часовник кај животните, и потенцијално кај луѓето.

Иако досега се знае малку за „Алтос лабс“, првите вработени укажуваат на видовите техники против стареење што лабораторијата може да ги проучи.

Меѓу научниците е и доктор Шинија Јаманака, пионер во истражувањето за репрограмирање на клетките, за кое доби Нобелова награда во 2012 година. Тој открил дека со додавање четири специфични протеини во клетките, може да се промени нивната состојба со цел да ги подмладат.

Средовечна криза?


Се вели дека младите сонуваат да бидат богати, а богатите сонуваат да бидат млади. Токму ваквиот парадокс може да го почувствуваат луѓето како Милнер, кој има 59 години, и Безос, кој има 57 години. „Форбс“ го рангира Безос како најбогат човек во светот со нето-богатство од околу 200 милијарди долари. Богатството на Милнер се проценува на 4,8 милијарди долари.

Луѓето запознаени со формирањето на „Алтос лабс“ велат дека првично интересот на Милнер за репрограмирање бил филантропски, па тој им доделил неколку грантови на истражувачи кои ја истражувале долговечноста.

Но, во текот на 2021 година се појавил нов план за истражувањето да оди побрзо, претворајќи ја идејата во добро финансирана компанија која сега го носи името „Алтос лабс“.

- Се собираат стотици милиони долари од инвеститори кои сакаат да инвестираат во репрограмирање, специјално насочено кон подмладување на делови или на целото човечко тело - вели Дејвид Синклер, истражувач на Универзитетот „Харвард“, кој минатиот декември објави дека им го вратил видот на глувците користејќи ја оваа техника.

bezos
Фото: Instagram

Се смета дека „Алтос лабс“ ќе финансира истражувачи без непосредни очекувања за производи или приходи. Според извори блиски до компанијата, првичниот резултат на компанијата ќе биде „голема наука“.

„Алтос“ ги привлекува универзитетските професори нудејќи им плати слични како на спортските ѕвезди -  милион долари годишно или повеќе плус капитал, како и ослободување од компликациите и сложените процедури при аплицирање за грантови. Мануел Серано од Институтот за истражување во биомедицината во Барселона, Шпанија, кој потврдил дека ја прифатил понудата за работа во „Алтос“, вели дека компанијата ќе му плати пет до десет пати повеќе од она што го заработува сега.

- Филозофијата на „Алтос лабс“ е да создава истражувања водени од љубопитноста. Ова е она што знам да го правам и сакам да го правам. Во овој случај, преку приватна компанија имаме слобода да бидеме храбри и да истражуваме. Токму овој начин ќе ме подмлади - вели Серано.

Кој било третман за некоја потешка болест на стареењето може да вреди милијарди, но компанијата на почетокот не планира никаква заработка.

- Целта е да се разбере подмладувањето. Би рекол дека идејата за приходи во иднина постои, но тоа не е најважната цел - вели Серано.

Извор: Technologyreview.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот