Европската комисија ќе ја истражува оптимизацијата на данокот на шведскиот гигант за производство на мебел „Икеа“. Со изнесувањето на дел од заработката во Холандија, „Икеа“ отстранила милијарда евра од даночниците во другите земји.
Комесарката за заштита на конкуренцијата, Маргрет Вестагер, во Брисел изјавила дека сите компании, без разлика дали се мали или големи, мултинационални или не, треба да плаќаат праведна даночна стапка. Таа најавила дека темелно ќе биде истражен даночниот третман што „Икеа“ го има во Холандија.
„Икеа“ всушност не е сопственик на своите филијали, туку се работи за франшизи. Одредени куќи на „Икеа“ плаќаат такса од 3% од приходот на компанијата, која го носи името „Интер Икеа системс“ и има седиште во Холандија. За возврат, филијалите го користат познатото лого. „Икеа“ со софистициран систем ги намалувала своите профити за да избегне данок, пишуваат од „Зидојче Цајтунг“.
Математиката е јасна – наместо да плати полн износ од данокот во Германија, Франција или во Србија, познатата шведска компанија дел од парите ги носи во Холандија, каде што стапките се на ниво на даночни оази. Во 2013 година „Икеа“ само во Германија имала приход од 3,99 милијарди евра, што значи дека 119,7 милиони завршиле во Холандија. Кога ќе се земат предвид важечките даночни стапки во Германија, излегува дека се скратени 36 милиони евра. Во Холандија стапката на данок на приход на името на лиценцата е 5%, па „Икеа“ на споменатата сума таму платила вкупно 6 милиони евра данок.
Според минатогодишната студија на Европското семејство на партиите на „зелените“, „Икеа“ на овој начин само меѓу 2006 и 2011 година избегнала да плати милијарда евра данок низ светот. Во одредени медиуми се коментира дека случајот со „Икеа“ покажува оти не се прави разлика во тоа дали компаниите потекнуваат од САД или од Европа и дека постапката на Европската комисија е насочена против една држава-членка – Холандија, што не значи дека нема да има последици за „Икеа“. Од компанијата соопштиле дека сметаат оти дејствувале во согласност со прописите. И „
Икеа“ и Холандија најавиле дека ќе соработуваат во истрагата.
Експертите сметаат дека противправните дејствувања помеѓу мултинационалните компании и финансиските служби во одредени членки на ЕУ може да се спречат единствено со изедначување на правилата за оданочување и транспарентност.