X
 08.10.2021 Издвојуваме

Музика за Нетфликс, Универзал и Дизни отсвирена од македонски музичари

Fames Studio Orchestra продуцира музика за популарни серии на „Нетфликс“, за холивудските студија Универзал, Дизни, Марвел и многу други светски продукции. Музичарите се искусни, а голем дел од нив со години наназад се дел од оркестарот на Македонската филхармонија и Македонската опера

Најдобрите музичари од Македонија свират музика за серии и филмови кои се прикажуваат на „Нетфликс“ и во Боливуд.
Малкумина знаат и дека делови од музиката за популарните серии „Лупин“, „Полноќна миса“ и „Отворено море“ се отсвирени токму од македонските музичари.
Сето тоа е дел од Fames Studio Orchestra, кој веќе 13 години работи во Македонија и е составен од наши музичари.
Студиото продуцира музика за Нетфликс, за холивудските студија Универзал, Дизни, Марвел и многу други светски продукции.
Последните четири-пет години имаат соработка и добиваат проекти од Америка и од Индија, односно од Боливуд. Имаат проекти и од Кина, Франција, Германија, односно од целиот свет.



Се работи под строги протоколи


Музичарите се искусни, а голем дел од нив со години наназад се дел од оркестарот на Македонската филхармонија и Македонската опера.
Ристе Трајковски, организатор на снимањата и на оркестарот, вели дека понекогаш се случува музичарите да ги добијат нотите само половина час пред почетокот на снимањето.

- Се работи и под строги протоколи и целосна доверливост за делата што се изведуваат. Обично филхармоничарите и оркестрантите кои работат во опера имаат ноти кои долго време ги разгледуваат и ги подготвуваат. Но, тука се развива една нова динамика кај нив. Тие многу брзо ги читаат нотите и снимањето се одвива брзо. Се свири музика од поп-песни, музика за компјутерски игри, значи дијапазонот на она што го свират музичарите е голем. Со еден збор, ова е ново искуство и за многу од нив - вели Ристе.



Музика наградувана и со „Еми“


Композиторите чија музика е снимена во Fames Studio Orchestra се наградувани за неа со „Еми“, имале номинации за „Оскар“ и „Греми“, добивале награди за Кан, Берлинале и други престижни награди.
Номинации за „Оскар“ имале Лаурент Перез дел Мар за „Turtle“, Емили Мосели за „Minari“, номинација за Кан за Хенк Ли за „Are You Lonesome Tonight“, Мерлин Шнитке за „The Swimmer“, на Берлинале на Јоханес Ринген за „Pappa“, за „Еми“ на Хавиер Наварет за „Hemingway & Gellhorn“, како и „Греми“ 2012 на Остин Винтори – „Journey“ (музика за видеоигра).
Од популарната музика имаме снимано за Ер, Рапосоди оф фајр, Глорија Естефан, А-ха, Јес.

Ристе вели дека понекогаш композиторите имаат посебни барања и стандарди.

- Знаат да дојдат и тука. Тоа беше честа појава пред пандемијата на ковид-19. Присуствуваат на снимањата и си одат - посочува тој.

Но, пандемијата не ја запрела работата на овие музичари зашто снимањата се одвиваат онлајн.

- Им праќаме квалитетен аудиосигнал преку сорсконект или аудиомуверс. Преку скајп-комуникација се одржува контакт со диригентот и со оркестарот. Така композиторите можат да направат увид како тече инструменталниот дел, како и снимањето. Тука се и за секоја критика или комплимент околу изведбата и снимањето - додава Ристе.



Културна амбасада на Македонија


Според него, да се свири музика за светски продукции, за еден музичар претставува престиж и задоволство.

- За таа цел, во Fames Studio Orchestra свират најдобрите инструменталисти од државата и од регионот. За да станеме конкурентни на пазарот, мораше да создадеме ткиво од најдобрите музичари од Македонија. Но, имаме соработка и со музичари од регионот и се надеваме во иднина на соработка и со европските музичари - вели Ристе.

Тој додава дека ова е една културна амбасада на Македонија зашто на секој кредит, односно на крај на сериите или филмовите стои македонскиот симфониски оркестар.
- Музичарите стануваат славни низ целиот свет - заклучува тој.

Фото: Борис Каески
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме