X
 08.11.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Што значи кислородна поддршка и кога се дава за Ковид-19?

Д-р Звонко Крстевски, анестезиолог, објаснува што всушност значи кислородната поддршка, каква може да биде, кога се применува...

Речиси цела година, додека и светот и ние се справуваме со пандемијата на Ковид-19, редовно го слушаме изразот „кислородна поддршка“. Некои прочитале, а некои претпоставуваат што значи пациентот да се стави на кислородна поддршка, но едно е сигурно, оваа постапка спасува многу животи. Д-р Звонко Крстевски, анестезиолог, објасни што всушност значи кислородната поддршка, каква може да биде, кога се применува...

- Таа е од од непроценливо значење за заболените пациенти – вели д-р Крстевски.

Иако Ковид-19 е воспалително заболување кое афектира повеќе органи и системи, еден од најафектираните е респираторниот систем, бидејќи инфекцијата се пренесува преку контаминирани аеросол-капки низ вдишаниот воздух или при контакт на нечисти раце со слузниците во носот, устата или очите.


Д-р Звонко Крстевски, анестезиолог / Фото: Горан Анастасовски

- Еден од главните симптоми што може да се влошат во текот на болеста, особено кај постари лица, кај пациенти со коморбидитети, но денес се виде и кај помлади пациенти, е намалената кислородна размена низ воспалените бели дробови поради промените што вирусот ги прави на ниво на алвеолокапиларната мембрана во белите дробови. Сето тоа води кон масивно оштетување на алвеолите, намалена концентрација на кислород во крвта (хипоксемија) и можност да се испорача кон ткивата, со страдање на организмот. Ваквите промени прогресираат кон пневмонија, која ја гледаме преку мониторирање на кислородната сатурација, т.е. заситеност. Кога таа ќе падне под 92-94% при дишење обичен воздух, тоа е сигнал дека треба да се потпомогне со додаток на кислород во вдишаниот воздух - објаснува д-р Крстевски.

Кај помлади пациенти, според него, ова е послабо манифестирано, но кај повозрасни, како и кај лица што имаат други придружни заболувања (како астма, срцеви заболувања...) оваа состојба може да предизвика тешка клиничка слика.

- Воспалението, т.е. пневмонијата води и до потешки компликации со создавање голем број микротромби, т.е. крвни згрутчувања во најмалите крвни садови околу алвеолите, со што се отежнува клиничката слика со кашлица, отежнато дишење и глад за воздух и слично. Како превенција за ова се дава тромбопрофилактична терапија со нискомолекуларни хепарини. Во текот на болеста и по оздравувањето ваквите воспалителни промени може да остават промени во меѓуклеточниот простор помеѓу алвеолите и крвните садови (фиброзни промени и намалување на респираторната површина и функција), што се контролира со рендген-снимање или снимање со компјутерски томограф. Често, вирусната пневмонија се здружува и со бактериска инфекција, за што е потребна и антибиотска терапија, што уште повеќе може да ја комплицира состојбата - вели д-р Крстевски.

Кој пациент се става на кислород?

Поради сето ова, како што ни објасни анестезиологот, потребна е кислородна поддршка во различни форми, зависни од степенот на клиничката слика кај пациентите со Ковид-19.
Со кислородната поддршка треба да се одржи концентрацијата на кислород во крвта во нормални граници (со додаток на кислород во вдишаниот воздух) за да се намали хипоксемијата и да се одржи соодветна оксигенација на ткивата и на органите.


Фото: Фрипик

Д-р Крстевски вели дека штом се појават респираторни симптоми, најдобро се мониторира сатурацијата на кислород во крвта преку пулсоксиметрија на прстот.

- Кај пациенти со Ковид-19 и со лесна клиничка слика кои остануваат во самоизолација без респираторни симптоми, најчесто и не се дава дополнително кислород. Но кај пациенти кај кои настанува потешка клиничка слика, со кашлица, тешко дишење, глад за воздух, задолжително се започнува со додавање кислород преку кислородни маски или назални канили, при што пациентот спонтано дише, но вдишаниот воздух има збогатена концентрација на кислород - вели анестезиологот.

Кислородни шатори или кациги

За пациентите што имаат потешка слика матичните доктори препорачуваат и хоспитализација во ковид-центрите, кои имаат технички можности за кислородна поддршка.

-Доколку клиничката слика прогресира со поизразена пневмонија и хипоксемија, кислородната респираторна поддршка станува неопходна - вели д-р Крстевски.

Освен со кислородни маски, често на снимки гледаме како пациентите со Ковид-19 се сместени во кислородни шатори или кациги за глава.

- Така кислородот се испорачува во внатрешноста, пациентот спонтано дише во затворен систем, а се издишува вишокот воздух преку специјални вирусни и бактериски филтри за да не дојде до ширење на вирусот во околината - вели докторот.

Мобилна болница за пациенти со Ковид-19 / Фото: Борче Поповски

Зошто респиратор?

Најтешките пациенти со изразени тешки промени на белите дробови со пневмонија, фиброза и последователно респираторна слабост мораат да се постават на вентилаторна поддршка - респиратор.

- За вентилаторите многу слушаме последниве месеци и има многу дилеми, се прашувавме колку ги имавме на број во земјата, колку се купени, колку ги добивме како донација, дали е подобро да се користат или се потешки за пациентите, дали е поголема смртноста ако пациентот е поставен на вентилатор... Тие се апарати кои испорачуваат кислород во зададена концентрација и преку зададен начин (модус) на вентилација (асистиран начин, т.е. потпомагање на спонтаното дишење на пациентот или контролиран начин). Притоа пациентот најчесто е седиран за да го прифати вентилаторот, се одредува концентрација на испорачан кислород, се одредува број на вдишувања (респирации), позитивен притисок на инспирираниот воздух итн. Најчесто вентилаторната поддршка ја практикуваат анестезиолозите и лекарите-интензивци во единиците за интензивно лекување - објаснува анестезиологот.

Тој апелира на дисциплина и почитување на мерките за заштита од вирусот.

- Пандемијата прогресира и се засилува и мора да бидеме дисциплинирани и да ги почитуваме сите здравствени мерки за сопствена и колективна заштита - додава д-р Крстевски.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема