X
 08.06.2020 Здравје

По шест месеци од појавата на коронавирусот, колку сме блиску до победа?

Светот се соочува со Ковид-19 веќе шест месеци. Болеста предизвикана од новиот коронавирус прво се појави во Кина, а подоцна и во другите земји низ светот. Досега се заразија над 6 милиони луѓе, а околу 400.000 починаа.

Светот се смени во текот на овие шест месеци. Беа имплементирани полициски часови, се затворија границите и многу луѓе останаа без работа како последица на мерките за намалување на ширењето на коронавирусот. Сепак, сè уште не сме го елиминирале вирусот. Што научи светот за Ковид-19 во последниве 6 месеци? Колку брзо и добро одговоривме на предизвиците што ни ги наметна? Кои прашања остануваат неодговорени и по 6 месеци борба?

Научниците се согласуваат дека е јасно дека светот не бил подготвен за пристигнувањето на Ковид-19.

- Оваа болест се покажа како многу полоша од која било пандемија што ја предвидувавме и за која правевме планови - вели Мартин Хиберд, професор по нови заразни болести на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.


Фото: Pixabay

Тој објаснува дека болеста има стапка на смртност од 1% и многу брзо се пренесува. Ова се карактеристики кои не се очекувале за која било нова болест што научниците сметале дека може да се појави. Таквите карактеристики ја прават најлошо можно реалистично сценарио, вели Хиберд.

Дејвид Набаро, професор по глобално здравје на Кралскиот колеџ „Лондон“, појаснува дека за болеста на почетокот се сметало дека била респираторна, но сега докторите знаат дека таа може да предизвика повеќе здравствени состојби поврзани со синусите и крвните садови. Болеста може да предизвика и оштетување на бубрезите и срцев удар, дури и кај помладите лица, па затоа не треба да се потценува, вели Набаро.

Марк Вулхаус, професор по епидемиологија на Универзитетот во Единбург, вели дека најважната работа што ја научиле експертите во последните шест месеци е дека сите треба да научиме да живееме со неа уште долго време. Според него, мерките за изолација повеќе не може да функционираат, а во идните месеци мора да најдеме други начини за борба против болеста. Тој додава дека една работа што е сигурна е дека Ковид-19 е особено опасна болест за постарите лица.


Фото: Pixabay

Сите мерки што биле преземани и ќе бидат воведени се овозможени од тестирањето. Новите технологии нудат поголема прецизност и брзина во тестирањето, а со тестирањето повеќе жители се наоѓаат одговори на повеќе прашања поврзани со болеста. Ен Џонсон, професор по емидемиологија на универзитетскиот колеџ „Лондон“, објаснува дека сите заклучоци се засноваат на математички модели кои се прават со собирање податоци.

Деталите за времето, местото и пациентите им помагаат на експертите да ја разберат епидемијата. Голем проблем претставуваат следењето и контролата на Ковид-19 бидејќи има носители на коронавирусот што немаат никакви симптоми. Затоа, собирањето епидемиолошки податоци треба да биде приоритет во следните месеци, вели Џонсон.

Кога станува збор за имунитетот, истражувањата покажуваат дека зголемениот број антитела во крвта на пациентите кои се заразени со вирусот може да го заштитат лицето од нова зараза. Оваа заштита може да трае од 6 месеци до две години, според претпоставките. Но, треба да се најде прецизен одговор за имунитетот кај оние што веќе биле заразени. Затоа, научниците бараат од оние што биле меѓу првите заразени да остават примероци од крвта и да ги тестираат нивните нивоа на антитела во крвта. Ваквите истражувања мора да се направат сега, велат експертите.

Во овие шест месеци лекарите научиле како да им даваат подобри третмани на пациентите во споредба со почетокот, вели лекарот Том Вингфилд. Во меѓувреме се појавија и нови алатки и технологии кои им помагаат на пациентите во борбата со коронавирусот.


Фото: Pixabay

Сепак, Вингфилд посочува дека има многу нејасни работи за влијанието на болеста врз пациентите. На пример, јасно е дека многу пациенти имаат згрутчување на крвта, но лекарите не знаат на кои пациенти да им даваат третман против згрутчување на крвта уште првиот ден кога ќе бидат хоспитализирани. Тие не знаат ниту колку долго треба да ја третираат состојбата.

На долг рок, вакцината може да биде спас, но научниците сметаат дека е рано да се надеваме на ова решение бидејќи веројатно нема да добиеме вакцина во следната година или две. Како што вели Вулхаус, вакцината е надеж, а не стратегија. Набаро се согласува дека треба да престанеме да мислиме дека сето ова ќе се реши кога ќе се најде вакцина. Дури и кога ќе се најде вакцина која е безбедна и ефикасна, постои проблем да се вакцинираат 7,8 милијарди луѓе на планетата. Глобалното елиминирање на болеста е многу тешко.

Сепак, постои простор за оптимизам, велат научниците. Антивирусните терапии може да понудат поголема надеж од вакцините. Во моментов се тестираат повеќе лекови кои претходно се користеле за други болести, а резултатите може да ги добиеме за неколку месеци. Овие лекови може да го намалат процентот на смртни случаи и во комбинација со подобро тестирање и поголемо разбирање на нашите имунолошки системи и нивоа на антитела по заразувањето, светот може да биде во многу подобра позиција по 6 месеци.

Автор: Робин Меки
Извор: theguardian.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје