X
 10.08.2020 Живот

Нов тест покажува кои маски за лице се најефективни

Училиштата се отвораат во некои земји низ светот, забавните паркови почнуваат да примаат посетители, а рестораните веќе одреден период функционираат како пред пандемијата. Но, и покрај знаците за враќање на животот во нормала, пандемијата сè уште е тука.

Затоа, група истражувачи од Универзитетот „Дјук“ создале едноставна техника за анализирање на ефективноста на повеќе видови маски за лице, кои веќе станаа дел од нашето секојдневие. Во истражувањето објавено месецов истражувачите покажале едноставен метод со ласерски зраци и мобилни телефони за тестирање на ефикасноста на маските.


Фото: Science Advances

Методот го тестира пренесувањето на респираторните капки при зборувањето. Мартин Фишер, еден од авторите на истражувањето, објаснил за Си-ен-ен дека за тестирањето се користат црна кутија, ласер и камера. Со помош на камера од мобилен телефон се снима светлината која се распрснува во кутијата од респираторните капки додека поминуваат низ ласерските зраци во текот на зборувањето.

Здравствените власти со месеци повторуваат дека маските се една од најефикасните алатки во борбата против пандемијата, а многу земји воведуваат правила за задолжително носење на маските за лице поради истата причина. Меѓутоа, истражувачите од „Дјук“ откриле дека некои маски се речиси бескорисни. Биле тестирани 14 најчесто користени маски. Секоја од нив била тестирана 10 пати.

Најефикасна маска била маската Н95, која најчесто ја користат здравствените работници. Хируршките маски со три слоја и памучните маски што се прават дома исто така биле ефикасни.


Фото: Science Advances

Заштитните маски што се носат на вратот и често ги користат спортистите биле најмалку ефективни. За време на носењето на овој вид маска се шират најмногу респираторни капки бидејќи материјалот ги разделува поголемите капки во помали честички кои полесно се пренесуваат преку воздухот.

Марамите и плетените маски, исто така, не биле многу ефикасни и не нуделе голема заштита. Фишер открил дека бројот на честички што биле измерени додека се тестирале плетените маски бил поголем од бројот на честички што биле измерени при зборување без носење маска.

- Сакаме да потенцираме дека навистина ги охрабруваме луѓето да носат маски, но сакаме тие да носат маски што навистина функционираат - изјавил тој.

Кога станува збор за методот за тестирање маски, Фишер не го препорачува за тестирање во домашни услови освен од страна на лица што имаат искуство со моќни ласери.

Истражувачите се надеваат дека компаниите, музеите и другите установи ќе го користат тестот за да им покажат на луѓето кои маски се најефикасни. Освен тоа, методот може да се користи и од страна на компании што произведуваат маски за лице, вели Фишер.

Автор: Ала Еласар
Извор: Си-ен-ен
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот