X
 09.01.2020 Наша тема

Сите имаат коледари, тетовци имаат „б’дњи бабе“! Погледнете ги нивните креативни маски

За овогодишниот маскенбал ќе се гласа до среда. Лајковите одлучуваат кој ќе биде победникот

Вештерки и принцези, пирати и волшебници, но и пилотите од Арачиново, како и куферчето „луј витон“ на Боки 13 се најдоа на менито на годинашниот тетовски маскенбал познат како „Б’дња баба“.
Тетовци и овој Бадник масовно излегоа маскирани по улиците и кафулињата и ја покажаа својата креативност и посветеност на една од најуникатните традиции на градот, која има потенцијал да стане туристичка атракција.




Сите фотографии од годинашниот маскенбал може да се најдат на фејсбук-групата „Бадник во Тетово - Карневал Б’дња баба“, а наскоро ќе се знае и победничката маска.
Дарко Гавровски, дежурен хроничар на градот, ја направил оваа фејсбук-група за да може на едно место да се погледне што смислиле тетовци, но таа е и фотоисторија на тетовскиот карневал во последните осум години.
- За овогодишнитe маски ќе се гласа до недела. Лајковите одлучуваат кој ќе биде победникот. На крајот правиме албум со десетте најдобри маски според нашата публика - вели Гавровски.









Едно е сигурно, тетовци сѐ посериозно го сфаќаат ова маскирање, па подготовките траат неколку месеци пред Бадник. Интересно е како почнало сѐ.
Гавровски раскажува дека од памтивек во Тетово постоел адетот, и најстарите се сеќаваат, попладне на Бадник, па цела вечер, маскирани деца и млади да одат по куќите. Постарите кажуваат дека маските во најстаро време биле со кожув или гуња, стап во рака, околу врат низа од пиперки или кромид.
- Така маскирани оделе од куќа на куќа и пееле бадникарска песна. Тие не се коледари, тие „са Б’дњи бабе“ зашто не одат на Коледе, туку на Бадник. Мали деца да се маскираат и да пеат по куќи, како традиција е задржана до денес - објаснува Гавровски.




Но, сѐ се сменило во 1996 година кога маскирањето преминало кај повозрасните и станало редовно и масовно.
- На Бадник, 6 јануари 1996 година, група млади решаваат заедно да се маскираат, со што почнува редовна традиција на маскирање по тетовските кафулиња. Тоа било друштво кое излегувало во кафулето „Де Вито“. Бидејќи сите ги прифатиле одлично и имало добра забава, веќе следната 1997 година се организира првата наменска журка за маскирање за Бадник во клубот „Бугати“. Постепено почнува и традиција маскираните да одат од кафуле во кафуле за да ги покажат маските. Така тоа стана традиција за Бадник во Тетово - вели Гавровски. Тој потенцира дека на постарите тоа им било смешно и чудно, но денеска е прифатено од сите генерации.




- Тоа што е карневалот во Вевчани за Стара Нова година, или во Струмица - Струмичкиот, тоа е „Б’дњикарскиот маскенбал у Тетово“. „Вечерта са смотани тија немаскираните. Све живо је маскирано и се иде низ град по све кафиќи“ - вели Гавровски.





Инаку, тој има сознанија и стари фотографии дека и во времето на Југославија, иако поретко и не масовно како сега, за Бадник се маскирале одредени друштва во Тетово.
- Имаме фотографии од 1960 година, но и од 1984 година, кога некои друштва маскирани го славеле Бадник - завршува Гавровски.










Фотографии: Фејсбук-страница „Бадник во Тетово - Карневал Б’дња баба“
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема