Денес, (вторник, 18 јули), во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, со почеток од 10.30 часот, ќе се одржи трибина на тема предизвиците во преведувањето на европските јазици. На трибината ќе учествуваат повеќе преведувачи од различни европски јазици, а модератор ќе биде Ана Зафирова.
Трибината е дел од проектот „
Прошетка низ Европа“ на издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“. Како дел од овој проект, „Арс Ламина“ издаде повеќе современи романи од европски автори, како дел од истоимената едиција, а организираше и конкурс за дизајн на корици за овие дела.
Во рамките на оваа едиција се и пет романи („Чувар“ – Петер Терин, „Кратка теорија за патувањето и пустината“ – Кристијан Крусат, „Градот Бохејн“ – Кевин Бери, „Аматер“ – Жан Бак и „Најмал отпор“ – Ада Дјоруп), добитници на Наградата за литература на Европската унија (
European Union Prize for Literature), чиешто издавање беше потпомогнато од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.
Покрај преведувачите и лекторите, на трибината свое учество ќе земат и домашни издавачи, писатели и читатели. Тие ќе разговараат на повеќе прашања: превод од ретките јазици, надменоста на англискиот јазик како урнек при превод на „малите“ јазици, дилеми при користење на слични изрази или синоними, соработката помеѓу писателот и преведувачот и помеѓу издавачот и преведувачот, кое е „дозволеното“ ниво на редактура и јазична редакција на преводот итн.
Во текот на целиот ден, во „Јавна соба“ ќе биде поставена и изложбата на корици на романи од едицијата „Прошетка низ Европа“, дела на студентите кои учествуваа на
конкурсот за дизајн, а најдобрите решенија беа наградени и објавени како корици на книгите од оваа едиција.
Изданијата од едицијата „Прошетка низ Европа“ во книжарницата „Литература.мк“ во текот на утрешниот ден ќе бидат со намалени цени.