X
 09.01.2022 Живот

Најдобриот начин да се избегне одложувањето на обврските

Велат дека одложувањето е крадецот на времето, но всушност, тоа се роковите.

Ново истражување на Универзитетот од Отаго покажало дека ако сакате некој да ви помогне за нешто, најдобро е воопшто да не поставувате краен рок. Или ако поставите рок, осигурете се дека е краток.

Професорот Стивен Ноулс од Школата за бизнис во Отаго и коавторите на студијата го тестирале ефектот на должина на крајниот рок врз завршувањето на задачата.

Учесниците биле повикани да учествуваат во онлајн истражување во кое се донирало за хуманитарна организација. Им била дадена една недела, еден месец или воопшто не им бил даден краен рок за одговор.

Професорот Ноулс вели дека истражувањето било започнато затоа што тој и неговиот тим се заинтересирале за помагање на добротворните организации да соберат повеќе пари.

Сепак, резултатите може да се применат во која било ситуација каде што некој бара помош од друго лице. Ноулс вели дека тоа може да е колега од работа или партнер.

Со студијата било утврдено дека најмалку одговори на истражувањето биле дадени во ситуацијата кога бил даден рок од еден месец, додека најмногу кога не бил одреден рок.

Немањето краен рок и одредувањето рок од една недела резултирале со многу одговори дадени за кратко време, додека долгиот краен рок како да им давал дозвола на луѓето да одложуваат и потоа да заборават.

Професорот Ноулс не бил изненаден кога дознал дека одредувањето пократок краен рок ги зголемува шансите за добивање одговор во споредба со подолгиот краен рок. Сепак, му било интересно тоа што добиле најмногу одговори кога не бил поставен краен рок.

- Ова го интерпретираме како доказ дека одредувањето подолг краен рок, во споредба со пократок или немањето краен рок, ја елиминира итноста за дејствување, која често се јавува кај луѓето кога од нив се бара помош. Затоа луѓето го одложуваат работењето на задачата и со оглед на тоа дека се немарни или забораваат, одложувањето резултира со пониско ниво на одговори - вели Ноулс.

Тој додава дека е можно неодредувањето краен рок да ги натерало учесниците да претпостават дека има имплицитен краен рок.

Ноулс се надева дека истражувањето ќе помогне луѓето помалку да ги одложуваат нештата.

Извор: Science Daily
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот