Со цел одбележување на 20-годишното партнерство со наградите „Брит“, од „
Мастеркард“ спровеле опсежно истражување за тоа како еволуирала музиката во претходните две децении. Од „Спајс грлс“ до „Литл микс“, од Елтон Џон до Ед Ширан, од Џамираквај до Стормзи, од „Мастеркард“ истражувале за што пишуваат иконите во современата музика и како тоа ги рефлектира интересите на генерацијата „Z“. Резултатите се составени врз основа на споредба со песните од топ-листите од 1998 година со хитовите од 2017/18 година, односно преку споредба на 73.000 збора во повеќе од 200 песни.
Сепак, не се сите вести лоши – во денешните песни се користи за 20% повеќе радосен и весел вокабулар, а споменувањето на зборот „љубов“ пораснало за 117% во споредба со 1998 година. Не само што сме посреќни и пофокусирани на љубовта, туку и во песните се користат повеќе зборови и поширок опсег на вокабуларот.
Една од последиците на ваквото самоопседнато однесување е и фактот што помалку се пее за сексот, и тоа дури за 69%. Можно е тоа да е поврзано со сè поголемата опсесија со сопствениот имиџ. Истражувањето покажува дека повеќе не сме фокусирани на другите и дека не комуницираме во реалниот живот.
За сегашните генерации, личниот изглед е клучна работа, а зборовите што се поврзани со убавината и имиџот забележале раст од 116% (зборот „убав“ се користи 2.300% почесто!) Инстаграм-опсесијата, здравата исхрана и фитнесот нашле место и во текстовите од песните: „здраво“ се користи 55% почесто, а употребата на зборот „тело“ пораснала дури за 428%.
Новите генерации растат со лесниот пристап до глобалните брендови и тоа е видливо, или подобро кажано – се слуша и во нивните песни. Користењето на зборот „бренд“ пораснало дури за 180%. Уметниците споменуваат имиња на конкретни брендови 345% почесто отколку што го правеле тоа пред 20 години, што рефлектира уште еден тренд од 2017 година: фалење (#humblebrag). Еве само неколку примери: Диџеј Халед пее: „Put that booty on that Gucci belt“, а „Литл микс“ тврдат: „They call me Lamborghini“.
Коментирајќи ги резултатите од истражувањето, Никола Грант, директорка за маркетинг и комуникација за Обединетото Кралство и Ирска, рекла: „Независно дали во прашање се панк-рок или женски бендови, музиката го рефлектира светот околу нас и затоа е интересно да видиме како музиката на денешницата се разликува од музиката пред 20 години. Социјалните мрежи практично не постоеја во 1998 година, ако не сметаме на ’Мајспејс‘, а оттогаш технологиите станаа многу поважни во нашето секојдневје. Денешната музика го одржува тоа, но интересно е да се види дека не сме баш целосно нарцисоидни – слушаме повеќе песни за љубовта и повесели мелодии отколку што сме го правеле тоа претходно“.
Наградите „Брит“ станаа глобална музичка институција која секоја година ги наградува најдобрите песни од британските топ-листи. „Мастеркард“ и по 20 години продолжува да ја спонзорира најпрестижната категорија „Мастеркард албум на годината“ и оваа година на љубителите на музиката – и на социјалните мрежи – им нуди единствено искуство со „Музиката на твојот живот“ (Soundtrack of your life).