X
 09.01.2025 Живот

Зошто Трамп толку многу сака да го купи Гренланд?

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп е доста гласен за тоа дека САД треба да ја преземат контролата врз Гренланд, кој е данска територија. Но, мала е веројатноста дека овој остров ќе стане првата нова американска територија во последните 50 години: лидерите и на Данска и на Гренланд со презир го отфрлаат овој предлог.

Зошто Трамп сака контрола над Гренланд?


Гренланд, кој веќе е домаќин на голема американска воена база, станува сè поважен во последниве години. Топењето на мразот на Арктикот отвори нови бродски маршрути во Северниот Атлантик и предизвика голем интерес кај Русија и Кина. „Волстрит журнал“ првпат објави дека Трамп разговарал за купување на Гренланд со советници во август 2019 година. Во извештајот се наведува дека Трамп со различна доза на сериозност во неколку наврати изразил интерес за купување на најголемиот остров во светот поради неговата важност за националната безбедност, како и неговиот економски потенцијал.

Разговорот за потенцијално купување престана набрзо откако данските лидери цврсто го одбија предлогот. Сепак, Трамп повторно почна да зборува за идејата по победата на претседателските избори во ноември минатата година. Во средината на декември Трамп на својата платформа „Трут соушал“ објави дека американската сопственост и контрола на Гренланд е апсолутна неопходност, откако го назначи поранешниот финансиски директор на „Пејпал“, Кен Хаури, за амбасадор во Данска.

Исто така, Трамп се закани дека ќе ја преземе американската контрола врз Панамскиот Канал, кој премина во рацете на Панама за време на администрацијата на претседателот Џими Картер.

Трамп не е првиот американски лидер што изразил желба да го купи Гренланд

Во далечната 1868 година поранешниот американски државен секретар Вилијам Х. Севард рекол дека идејата за купување и на Гренланд и на Исланд е достојна за сериозно разгледување и нарача детален извештај за можностите за такво нешто. Сепак, на крајот идејата не била реализирана. Прашањето продолжило да се дебатира на почетокот на 20 век, а во 1946 година САД понудиле да го купат Гренланд за 100 милиони долари во договор со кој на Данска би ѝ биле понудени територии богати со нафта во Алјаска.

Дали Гренланд воопшто е на продажба?

Накратко - не. Гренланд доби автономија во 2009 година, а промената на сопственоста на овој остров или неговиот правен статус ќе бара измена на данскиот устав. Лидерите на Гренланд и Данска ги отфрлија предлозите на Трамп.

- Гренланд е наш. Ние не сме на продажба и никогаш нема да бидеме. Не смееме да ја изгубиме нашата долгогодишна битка за слобода - изјави гренландскиот премиер Муте Егеде минатиот месец.
Данскиот крал Фредерик неодамна го смени кралскиот грб, кој сега ги истакнува поларната мечка - симболот на Гренланд и овенот - симболот на Фарските Острови. Некои шпекулираат дека потегот бил сигнал за Трамп, иако помеѓу Гренланд и Данска веќе некое време преовладува тензија откако владата на Гренланд почна да повикува на независност.

Трамп во вторникот ѝ се закани на Данска со многу високи царини доколку земјата ги отфрли неговите желби да го купи Гренланд и не ја исклучи употребата на воена или економска сила за да се постигне таа цел. Во 2019 година лидерите на Данска и на Гренланд силно ја отфрлија идејата за продажба на Гренланд на САД.
Данската премиерка Мете Фредериксен го нарече тоа „апсурдно“, додавајќи дека се надева дека Трамп не е сериозен. Нејзините коментари предизвикаа јавен спор со Трамп, кој ја откажа планираната посета на Данска и ја нарече премиерката „одбивна“ и „непримерна“.

Извор: Forbes.n1info.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот