X
 09.02.2022 Наша тема

Магдалена Тасевска за студентскиот живот во Шпанија

„Институт за бизнис“ (ИЕ) премногу ја изразува својата зелена посветеност и тоа е она што најмногу ме фасцинира од мојот факултет. Всушност, еден од основните столбови на факултетот е еколошка, општествена и економска одржливост. Донесено е строго правило за намалување на употребата на хартија, вели Тасевска

Нашите млади заминуваат во странство, оваа реченица ја слушаме сѐ почесто, но во последно време не само за да работат, туку и за да студираат. Денес, кај новите генерации, уште во средношколските кругови ќе чуете како размислуваат да одат некаде надвор бидејќи овде не гледаат иднина. Дополнително загрижува фактот дека Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) за само шест месеци има пад од 100 скалила на листата со најдобри универзитети според „Вебометрикс“.

Дел од „одливот на мозоци“ е и Магдалена Тасевска од Скопје, која се одлучила своето високо образование да го продолжи надвор. Таа е прва година на факултетот „Instituto de Empresa“, т.е. „Институт за бизнис“ (ИЕ) во Шпанија, на насоката бизнис-администрација. Нѐ заинтригира зошто една Македонка посакала да учи во Мадрид, зошто се одлучила за тој факултет и низа други прашања поврзани со нејзините бруцошки денови во една од најпосакуваните земји за летување.



- Пред да се преселам во Мадрид, ја имав посетено Шпанија само еднаш. Во 2016 година бев во Барселона на три дена. Иако траеше кратко, ова мое патување ме направи да се заљубам во шпанската култура. Толку многу ми остави впечаток, што решив да почнам да го учам шпанскиот јазик. Овие мои постапки несвесно ме наведоа да почнам да размислувам за студирање во Шпанија - вели Тасевска.

Студирањето во странство е одлична можност за личен раст и развој, отскочна штица за успешна кариера, вели таа. Нејзината одлука да студира бизнис-администрација ја донела уште во средношколските денови бидејќи уште тогаш кај неа се појавил огромен интерес за бизнис и претприемништво.

- За ИЕ дознав пролетта 2019 година преку академските советници од училиштето каде што завршив средно образование. Програмата по бизнис-администрација што овој факултет ја нуди совршено се совпадна со моите интереси и затоа решив да конкурирам кога започнаа уписите - објаснува таа.

Првиот ден на факултет

- Првиот ден кога дојдов на факултетот беше малку страшен бидејќи не само што не знаев што да очекувам, туку и никого не познавав. Нѐ сместија во спортската сала каде што на огромен проектор ни прикажаа неколку видеа и презентации за самиот факултет. Едно од видеата што ни го прикажаа беше следново: https://youtu.be/EsOL44Cyhn0. Владееше одлична атмосфера и успеав да се запознам со многу луѓе од разни делови на светот - се присети Магдалена.



Студентскиот живот во Шпанија

За нашата соговорничка, бруцош во Шпанија, интернационалната атмосфера, со луѓе со отворен ум кои со нетрпение чекаат да те запознаат и да споделат искуство, е од огромна предност и топло им го препорачува овој факултет на сите идни студенти.

- Студентскиот живот во Шпанија е многу динамичен. Воопшто не беше тешко да се приспособам на ваквиот начин на живот. Освен интензивниот процес на вадење шпанска студентска виза, досега не сум се соочила со некои огромни предизвици. Иако факултетот е сместен во Шпанија, студентите не се претежно Шпанци. Попрво запознав луѓе од Индија, Мексико, САД, Португалија и Италија. Процентуално најмногу од студентите доаѓаат од Франција и од Латинска Америка - вели таа.



Предавањата се во третата највисока образовна институција во светот

Една од клучните причини за изборот да студира на овој факултет бил универзитетскиот кампус. Со капацитет за 6.000 студенти, универзитетскиот кампус им овозможува на студентите совршена атмосфера не само за психички, туку и за физички развој, објаснува таа.

- Предавањата се одржуваат во третата највисока образовна институција во светот. Сместена е во најурбаната област наречена Куатро Торес (Cuatro Torres) и ја обиколуваат четири деловни облакодери. Поседува огромен зелен социјален и јавен простор, модерни училници и аудиториуми, кантина, опремена спортска сала, затворен базен, канцеларии и креативни работни простории. Дури на самиот влез има скенер кој ни го отчитува ликот, така што некој што не студира тука не би можел да влезе.

За тоа што најмногу ја фасцинира на овој факултет, вели:

- „Институт за бизнис“ (ИЕ) ја изразува својата зелена посветеност и тоа е она што најмногу ме фасцинира од мојот факултет. Всушност, еден од основните столбови на факултетот е еколошка, општествена и економска одржливост. Донесено е строго правило за намалување на употребата на хартија и поради тоа сите учебници, дополнителни материјали, па дури и испитите ни се достапни исклучиво во дигитална форма. Ова е и причината што ИЕ ги има снабдено своите студенти и професори со најсовремена и најнапредна технологија - вели Тасевска.



Поради пандемијата, студентите следат комбиниран модел на настава наречен „Liquid Learning“ програма која во буквален превод би значела „течно учење“. Предавањата траат 80 минути.

- Професорите премногу го вреднуваат активното учество на часовите, така што ние, студентите, сме принудени да поставуваме прашања или да започнеме некаква дискусија. Интересно е што има посебен сектор за развој на успешна кариера наречен „Talent and Careers“ т.е. „Таленти и кариери“ кој има склучено договор со повеќе компании. Овој семестар јас се запишав на 6-месечна пракса која се фокусира на професионално развивање на брендирачка стратегија - вели Тасевска.

Каков е животот на младите Шпанци?

- Младите Шпанци се многу дружељубиви, фини и секогаш расположени. Еднакво издвојуваат време во своето секојдневие за учење, за спорт, за дружба и за себе. Секогаш излезени на пијалак и тапас, ги слават најмалите нешта во животот. Совршено знаат да се опуштат и живеат сосема безгрижно - раскажува Магдалена.

Со оглед на тоа што желбата да живее во Шпанија ѝ се исполнила, ја прашавме како изгледа нејзиното секојдневие.



- Речиси секое утро ми почнува во едно од кафулињата близу студентскиот дом каде што престојувам. Најчесто имам придружба бидејќи ретко кој не сака да го искористи утринското сонце. Во зависност од тоа дали предавањата ми се со виртуелно или со физичко присуство, откако ќе го испиеме кафето, или се враќаме во студентскиот дом или сите колективно се упатуваме кон универзитетскиот кампус. Доцна се враќам во студентскиот дом, но тоа воопшто не ми претставува проблем бидејќи не се чувствувам изморена, напротив, многу сум исполнета – вели таа.


Фото: приватна архива
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема