X
 17.10.2019 Образование

„Бруцош“ – магазин за новите студенти

Универзитетот „Гоце Делчев“ преку одделот за радио и ТВ изработи еден нов вид магазин за сите студенти и средношколци.

Магазинот, кој е насловен „Бруцош“, ќе биде своевиден информатор преку кој ќе можат сите нови и актуелни студенти да ги добијат информациите што им се потребни. Станува збор за магазин во кој може да се најдат информации за тоа кои се најдобрите места за учење, забава, дружење во градот, каде што може да се јаде, што би требало да се проба кога се доаѓа во Штип, колку чини градот, а колку студирањето, па сè до студиски програми и информации за текот на студиите. Во еден ваков магазин, кој ќе биде на 68 страници, ќе можат да се прочитаат и интервјуа и разговори со студенти, дипломирани студенти, но и познати личности.

„Бруцош“ ќе биде наменет не само за студентите, туку и за средношколците и нивните родители. Затоа што овде ќе можат да се добијат голем број информации кои му се потребни на студентот или на оној што планира да стане студент.

Идејата е студентите да бидат добро информирани за најважните работи и настани во градот и на Универзитетот „Гоце Делчев“. Овој магазин би требало да биде и своевиден водич за студентите за тоа кои се најважните датуми во текот на нивните студии, кои се начините да добијат стипендија или каде можат да се вклучат во практична работа додека се на студии и слично.

„Бруцош“ во текот на целата студиска година ќе може да се најде во сите кампуси на УГД и во објектите што се партнери на магазинот.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование