X
 14.09.2018 Наша тема

Сергеј Сарчевски има 18 години, 10 филма зад себе и ќе студира на престижниот „Вестминстер“ во Лондон

Ме примија на сите шест универзитети на кои конкурирав. Се одлучив за „Вестминстер“ каде што ќе студирам филм. Го избрав бидејќи е еден од најпочитуваните универзитети во Лондон, со посебно истакната филмска програма и со одличен баланс меѓу теорија и пракса, вели младиот и надежен студент


Има 18 години, десетина самостојни филма зад себе, а годинава ќе биде бруцош на Универзитетот „Вестминстер“ во Лондон.
Младиот Сергеј Сарчевски, доскорашен средношколец во меѓународната паралелка во скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“, е една од надежите на македонскиот филм. Почнал да снима како мал, на патот кон училиште. Со другарите снимале смешни видеа кои ги монтирале на телефон. Се „телепортирале“ себеси, се претворале еден во друг... Кога имал 10 години, добил помал брат, а со него и подарок – камера за да го снима, за да остане спомен.

- Научив и да монтирам. Истата камера ја искористив да си снимам мои будалштини и клипчиња кои ги објавував на „Фејсбук“. Во меѓувреме одев и на часови по глума и глумев во неколку претстави, дури и во Македонски народни приказни – раскажува Сергеј.

Сергеј Сарчевски

Вистинската љубов кон филмот почнала пред шест години, со првиот краток филм наменет за „Мобил филм фестивал“ во Скопје. Тогаш имал 12 години. Го снимил како што знаел, но кога го видел проектиран на големо платно, веќе знаел што ќе работи во животот.

- Проекцијата на мојот краток филм беше моментот, тогаш се препознав себеси. Сепак, филм е многу широк поим. Ми требаше време да откријам што точно сакам да работам - раскажува Сергеј.

Првиот филм го снимив на смартфон

На почетокот му била интересна монтажата, сакал да биде и режисер. Но, визуелната естетика отсекогаш му била омилен дел од филмот, најмногу го интересирала работата околу камерата и светлото. Затоа се определил за професијата директор на фотографија.

Конкурирал на три универзитети во Англија, по еден во Шкотска, Ирска и во Полска.
- Ме примија на сите, на крај се одлучив за Универзитетот „Вестминстер“ во Лондон каде што ќе студирам филм. Го избрав бидејќи е еден од најпочитуваните универзитети во Лондон, со посебно истакната филмска програма и со одличен баланс меѓу теорија и пракса. Освен тоа, се наоѓа во една од светските метрополи со најголем филмски пазар – објаснува Сергеј.

На сет

На прашањето колку напредната дигитална технологија му олеснила уште како дете да почне да навлегува во тајните на филмската уметност, Сергеј вели:
- Што да кажам, првиот филм го снимив на смартфон.

Според него, предностите се огромни во споредба со тоа како било пред 15 години. Денес секој може да направи филм. Колку ќе биде добар, зависи од тој зад камерата. Во секој случај, дигиталната технологија придонесува за поголем развиток во филмската индустрија во денешно време.

- Многу е достапна, одличен почеток е за секој што сака да се обиде во таа сфера. Се разбира дека мобилен телефон не може да се спореди со професионална филмска камера. Сепак, сѐ се сведува на талентот на тој што ја управува, а камерата никогаш нема да биде побитна од приказната – вели Сергеј.
Не му било едноставно да ги комбинира обврските во училиштето и љубовта кон филмот.
Бидејќи бил во меѓународната паралелка, стандардите биле многу повисоки, работеле по програма различна од стандардната, сето тоа на англиски јазик.

Импровизациите секогаш се дел од креативниот процес

- Некако успеав на почеток од четврта година да снимам едноминутен краток филм, но толку. До крајот бев оптоварен со обврски и апликации за универзитети во странство. Работевме на огромни есеи, семинарски трудови, проекти, по секој предмет...
Го правев тоа што морав, вложив многу напор за еден ден да го правам тоа што го сакам. Тоа ми беше мотото што ме туркаше напред знаејќи дека без меѓународната матура нема да го продолжам образованието таму каде што сакам – објаснува Сергеј.

Сонува да работи на големи филмски проекти

Омилен жанр отсекогаш му бил драмата. Во тие филмови има нешто што постојано го тера на размислување. Посебно го интересираат драмите со „тешки“ теми, кои се потпираат на способноста на актерот да ја пренесе целата приказна, создавајќи посебна врска меѓу актерот и публиката.

- Неколку такви филмови што ми оставиле посебен впечаток се Requiem for a Dream, BlackSwan, Mother!, We Need to Talk About Kevin, Irreversible... За моите филмови, пак, инспирација барам во секојдневието и од средината во која живееме. Есента ми е обично период на инспирација и тогаш најмногу сакам да пишувам. Мора да биде облачно и тмурно зашто кога е сонце, не ми се седи дома – вели Сергеј.

Најдрага му е наградата за филмот Botlle

Тој учествувал на повеќе меѓународни фестивали за негова возраст и добивал награди. Ја издвојува наградата за освоено 4. место во категорија до 27 години, за краткиот филм Bottle на фестивалот Intervideo-Nachwuchspreis во Мајнц, Германија. Тоа се случило во 2014 година, кога Сергеј имал 14 години.
- И иако на други интернационални фестивали сум бил и во топ-3, овој филм мене лично ми има најголемо значење и сметам дека со него постигнав најголем успех – вели тој.

На прашањето за што сонува професионално и каде се гледа себеси за 15 години, Сергеј вели:

- Не знам... како работам на големи филмски проекти. Се гледам како соработувам со квалитетни режисери и одлична екипа. Се гледам како сум среќен и уживам во работата и животот.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема