X
 09.02.2022 Живот

Сталин имал 25.000 книги и во нив пишувал навреди и пцости - поштедил само еден писател

Тој влезе во историјата како ужасен диктатор одговорен за смртта на милиони луѓе. Но, пред да стане болшевик и монструозен тиранин, советскиот водач Јосиф Висарионович Џугашвили Сталин (1878-1953) бил поет кој пишувал патриотски и нежни романтични песни на својот мајчин грузиски јазик.

Љубовта кон книгите го држела цел живот, со оглед на тоа што поседувал библиотека со околу 25.000 книги, списанија, ракописи и памфлети за кои се дознало дури кон крајот на 80-тите години, кога биле отворени архиви од времето на Сталин.

Огромна колекција


- Сталин бил страстен читател - вели британскиот историчар Џофри Робертс, кој ги истражувал руските архиви и неодамна ја објавил „Сталиновата библиотека: Диктатор и неговите книги“ (англ. Stalin's Library: A Dictator and his Books).

Библиотеката на Сталин се наоѓала во Кунцево, во близина на Москва. Според сведоците, библиотеката била единствената удобна просторија во куќата. Имало четири големи и длабоки полици за книги. Бидејќи збирката на Сталин била толку голема, многу книги биле складирани во посебна зграда и му биле носени по потреба.

Советскиот диктатор му наредил на својот персонал да ги класифицира книгите, па тие биле поделени во повеќе од 40 категории: од филозофија и психологија до синдикати, уметничка критика и убава литература. Сталин немал време да прочита сѐ што поседувал, но сепак прочитал многу. Од убавата литература, најмногу ги сакал Балзак и Сервантес, како и драмите на Шекспир. Сталин имал и свое приватно кино, уживал во вестерни, читал филмски сценарија и често барал да има средби со писатели и режисери за да се спротивстави на политичката несоодветност на нивната работа пред да се снима каков било филм.

stalin
Фото: Wikipedia

Не бил внимателен и уреден библиофил, па оставил масни траги од прстите, што станало познато кога му вратил дел од позајмените книги на Максим Горки. Токму овие мрсни траги ја инспирирале песната на Осип Манделштам за „дебелите прсти“, „планинар од Кремљ“ со „мустаќи како стаорец“, што на поетот му обезбедило смрт во гулагот.

Како моќен владетел, Сталин бил ужасно арбитрарен во односот кон писателите: се шпекулира дека тој бил одговорен за смртта на Максим Горки и за самоубиството на Владимир Мајаковски. Но, од друга страна, ги бранел од прогонот на антикомунистите Михаил Булгаков и Борис Пастернак, со зборовите: „Оставете го тој жител на облаците.“

Во книгите честопати со црвено, сино и зелено пенкало Сталин пишувал изрази на презир и несогласување: „Ха, ха“, „Глупости“, „Ѓубре“, „Будала“, „Гадови“, „Свиња“, „Лажго“, „Подлец“. Но, во книгите на Ленин, кои најчесто ги читал, не оставил траги на несогласување или критика.

Извор: b92.net
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот