Запознајте го островот на зачините, каде што времето тече поинаку, сите учтиво се поздравуваат, а попладне пијат чај
Занзибар е полуавтономна област и остров во Индискиот Океан. Иако официјално ѝ припаѓа на Танзанија, речиси во сите аспекти - политика, религија, култура, па дури и храна - се разликува од таа држава. На источниот брег на Африка и придружните острови живее народот Свахили, кој зборува на истоимениот свахили јазик. И додека на континентална Танзанија живеат и христијани и муслимани и староседелци, на Занзибар населението речиси е целосно муслиманско. Денес, во повеќето села и градови каде што Свахили се мнозинство, џамиите се темел на животот и се проповеда исламот. Но, некои заедници внесуваат елементи на традиционалните африкански верувања во својата религија.
Занзибар е база на трговци што доаѓаат од Африка, Индија и од арапските земји, а најмногу се тргува со зачини. Локалното население се занимава со земјоделство и риболов. Занзибар има свој претседател и законодавно тело, па населението воопшто не чувствува како да ѝ припаѓа на Танзанија.
Фото:
Pixabay
Мерење на времето
Во свахили-културата новиот ден почнува пред изгрејсонце, а не на полноќ, што значи дека 7 часот наутро кај нив е 1 часот, а 7 часот вечерта кај нив е 1 часот по полноќ. Кај нив ова мерење функционира затоа што изгрејсонцето и зајдисонцето се релативно константни во текот на целата година, бидејќи Занзибар е близу екваторот.
Поздравот им е многу важен
Тоа често ги збунува туристите бидејќи имаат предрасуди и мислат дека населението сака нешто да им продаде. Но, не е така. Поздравите се дел од нивната култура. Најчесто се користат поздравите „Мамбос“ и „Џамбос“, додека „Шикамо“ ѝ се упатува на помалку позната личност.
Живот
Во Занзибар животот тече бавно. За туристите, нивните дневни рутини, како работното време, немаат секогаш смисла.
Сезона на дождови
Занзибар има две сезони на дождови: долга и кратка. Долгата трае од март до мај, но веднаш по неа следува долго и топло африканско лето. Сезоната на кратки дождови е во ноември и декември.
Фото: Pixabay
Вкус на светот
Занзибар низ вековите променил многу владетели, а таквата историја придонела за создавање на една од најинтересните африкански кујни. Измешани се индиската, арапската, португалската и африканската традиција на готвење - сето тоа со присуство на многу зачини, по кои Занзибар и го добил епитетот „островот на зачините“.
Култура на пиење чај
Луѓето најчесто пијат чај кога ќе зајде сонцето, а еден од најпопуларните е тангавизи (чај од ѓумбир со ванила).
Нема лавови, слонови, жирафи
Танзанија е позната по сафари што го одземаат здивот, но не и Занзибар. Во Занзибар светот на диви животни се наоѓа под вода.