X
 09.03.2020 Наука

Разоткриени митови за пингвините, Арктикот, Антарктикот...

Поради огромните, ледени пејзажи и долгите периоди на темнина или дневна светлина, поларните области може да бидат многу слични. Но тие всушност се многу различни.

Антарктикот е континент покриен со мраз кој е целосно изолиран и се наоѓа на дното на светот, опкружен со океани исполнети со жив свет. На врвот на планетата, Арктикот е составен од Арктичкиот Океан и други водни тела, сите лоцирани во близина на многу населени континенти на Европа и Северна Америка. И Арктикот се карактеризира со покривка од мраз што варира со годишните времиња.

Овие уникатни карактеристики се рефлектираат и врз животинскиот свет што живее на секое место. Некои видови, како поларните мечки, еволуирале за лов и размножување на мразот на Арктикот, додека други видови, како фоките, се адаптирале на животот на север или југ.

Постојат многу заблуди и митови, така што „Нешнл џиографик“ се обидува да ги разоткрие.

Не постојат пингвини на Арктикот


Една од најчестите грешки е таа дека пингвините живеат на Арктикот. Всушност, овој регион без пингвини е дом на друга харизматична птица - атлантскиот тупик. Исто како и пингвините, и овие птици се одлични пливачи и нуркачи и имаат водоотпорни пердуви и можност за пиење морска вода.

Сепак, за разлика од пингвините, овие птици можат да летаат со 88 километри на час, што им помага брзо да им однесат риба на нивните младенчиња.

3
Фото: Pixabay

Најголемото копнено животно на Антарктикот е вид инсект


Кога станува збор за предаторите на Арктикот, постои еден ѕвер што владее со сите - поларната мечка.

Мразот е од суштинско значење за поларните мечки, кои го користат како ловечка платформа за фаќање фоки кога излегуваат на површина за да дишат. Едноставно кажано, поларните мечки еволуирале за да ги искористат најбогатите достапни извори на храна, фоките.

Арктикот може да се пофали и со други копнени грабливци, вклучувајќи го и арктичкиот волк, подвид на сив волк и арктичката лисица.

Во меѓувреме, Антарктикот нема копнени предатори - вели Ендру Дерохер, еколог на Универзитетот во Алберта.

Како најстудено, најсуво и најветровито место на Земјата, Антарктикот е претежно огромна, безживотна пустина. Нејзиното најголемо копнено животно е антарктичкиот бескрилен комарец, чии возрасни живеат околу една недела.

Тоа е така затоа што пингвините, кои се многубројни покрај бреговите на Антарктикот, се сметаат за крајбрежни животни, а не копнени.

Ледените води се полни со жив свет


Иако има толку негостољубив ентериер, дивиот свет на Антарктикот напредува во, надвор и околу океанските води.

- Низ целиот Антарктик, океанот е навистина продуктивно, биодиверзитетско подрачје - вели Фил Тратан, шеф на конзерваторската биологија на Британија.

Водата на Антарктикот изобилува со мали ракчиња со кои се хранат големите китови и пингвините.

Пингвините се синоним за Антарктикот, но само кралскиот пингвин и пингвинот адели се постојани жители на континентот. Но, во океанот пингвините се соочуваат со морските леопарди.

arktik
Фото: Pixabay

Нарвал-китовите живеат само на север


Наречени еднорози на морето поради нивниот долг, спирален заб, нарвалите се арктички животни кои може да бидат забележани како пливаат во групи од десетици, па дури и стотици животни.

Нарвалот е целогодишен жител на Арктикот, а летува во крајбрежните води без мраз. Кога се соочуваат со непробоен крајбрежен мраз, овие морски цицачи се движат покрај крајбрежјето во подлабоките води за да се хранат под мразот. Користат пукнатини и отвори во мразот за да дишат.

Нема ајкули на Антарктикот, но има многу на Арктикот


Водите на Антарктикот се многу студени за ајкулите, но дузина видови живеат во морињата на Арктикот. Гренландската ајкула е една од најмистериозните: жив примерок не бил фотографиран сè до 1995 година.

Орките живеат и на двата пола


Орките, или китовите-убијци, живеат во многу океани низ светот, вклучувајќи ги и оние околу Арктикот и Антарктикот. Околу 70.000 орки живеат во јужните води, каде што ловат различна храна.

Постојат многу видови, а научниците забележале дека еден вид орки можат да пливаат најмалку километар под мразот - ризично однесување за цицачи што дишат воздух. Овие орки имаат исклучителни навигациски вештини за да патуваат под мразот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука