X
 09.03.2023 Живот

Помладите работници не знаат да користат печатачи, скенери и постари десктоп-компјутери

25-годишниот Арет Бемилер од Њујорк целиот живот го поминал на интернет. Пораснал пред екраните работејќи на многу апликации. Но, постои една вештина за која Бемилер признава дека не му е силна страна: скромниот канцелариски печатач.

- Скенерите и машините за копирање се комплицирани. Постојано ми излегуваше празна страница и ми беше потребно време за да сфатам дека морам да ја ставам хартијата на друг начин за машината да почне да печати - вели тој.

Бемилер обично се консултира со „Гугл“ за одговори. Но, му помагаат и постарите работници. Тој знае дека очекувањата се дека тој ќе им помогне со техничките проблеми.

- Постои мит дека децата родени во ерата на технологијата имаат интуиција за овие работи. Но, тоа не е така. Како би знаеле како да скенираат нешто ако никогаш не научиле како да го прават тоа? - вели Сара Декстер, вонреден професор по образование на Универзитетот во Вирџинија.

Генерацијата З има вештини во уредување фотографии и видеа од телефонот и користи апликации како „Скверплејс“ и „Викс“. Тие пораснаа користејќи апликации од овој вид.

Но, не знаат да ги користат десктоп-компјутерите. Работите како датотеки, папки, скенирање и печатење и користење надворешен хардвер се белези на канцеларискиот живот.

Технолошката компанија „Ха-пе“ ја измисли фразата „технолошки срам“ за да дефинира како младите се чувствуваат кога користат основни канцелариски алатки. Според истражувањето, секој петти млад канцелариски работник изјавил дека се чувствува лошо поради технички проблеми, па затоа не побарал помош. Во друго истражување, фирмата „Ласале ејџенси“ открила дека речиси половина од помладите работници се чувствувале неподготвени кога станува збор за техничките вештини релевантни за влез на пазарот на трудот.

„Дел“ направил истражување на испитаници на возраст меѓу 18 и 26 години и откри дека 56 отсто од испитаниците рекле дека имаат основно до никакво образование за дигитални вештини. Третина од нив изјавиле дека нивното образование не им обезбедило дигитални вештини потребни за поттикнување на нивната кариера. Она што го знаат доаѓа од апликациите што ги користат во слободно време.

Така, се враќаме на печатачите кои остануваат особено тешки за генерацијата З.

- Кога ќе видам печатач, ми се стемнува. Мислам дека на некој начин откривам древен артефакт - вели Макс Сајмон, 29-годишен работник кој работи како креатор на содржина за мал бизнис во Торонто.

Сајмон, кој прави хумористични видеа за корпоративен живот за својата публика од над 220.000 следбеници на „Тик-ток“; спаѓа во категоријата млади милениумци.

За Сајмон, тоа е уште еден проблем што произлегува од влијанието на социјалните мрежи врз нелогичното размислување на младите луѓе. Апликациите како „Инстаграм“ и „Тик-ток“ се лесни за користење, па младите очекуваат дека и другите работи ќе бидат лесни. Кога не се, поголема е веројатноста да се откажат.

- Потребни се пет секунди за да научите како да користите „Тик-ток“. Не ви треба книга со инструкции како што ви треба за печатачот. Сега е толку лесен пристапот до содржината - додава тој.

Од друга страна, позитивно е што помладите генерации имаат предност кога станува збор за работа со канцелариски компјутери, дури и со надворешен хардвер и непознат интерфејс. Генерацијата З лесно ќе го совлада софтверот кој досега не го користела бидејќи цел живот прават слични работи. Научени се да работат со обиди и грешки. Можеби не се како нивните постари колеги на кои „Ексел“ им е една од основните алатки, но затоа брзо учат.

Извор: The Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот