Кога одевме на училиште трошевме многу време за да утврдиме кој начин на учење ни е најсоодветен. Наставниците ни велеа дека некои луѓе подобро учат визуелно, преку фотографии, додека други учат подобро преку читање или пишување. Едно истражување покажа дека 96 отсто од наставниците веруваат дека постојат начини на учење, но по сѐ изгледа таа теорија е
бесмислена.
Според експертите Харолд Пашлер и Даг Рорер, има многу малку научни докази дека различните методи на учење влијаат врз академските резултати на личноста. Всушност, многу истражувања покажуваат дека стиловите на учење веројатно се мит.
Истражувачи од Медицинското училиште при Универзитетот во Индијана ангажирале стотици ученици во студијата. Учениците требало да учествуваат во едно од најпопуларните интернет-тестирања за стилот на учење, наречено ВАРК, кое утврдува дали некој учи визуелно, со слушање, читање и пишување или практично. Учениците потоа учеле на начин соодветен на нивниот стил на учење, а истражувачите ги испитувале за методите за да видат дали тие биле „во чекор“ со „доминантните“ методи.
На крајот од годината истражувачите гледале дали тоа имало влијание врз оценките на учениците. Резултатите покажале дека немало врска меѓу доминантниот начин на учење и оценките. Всушност, 67 отсто од учениците немале успех во учењето на начинот на кој требало да имаат најдобри резултати. Оние што учеле согласно нивниот начин на учење не добиле подобри оценки од другите. Значи, без оглед на начинот на учење, работата на микроскоп или гледањето во белешки од предавањата биле најефикасни.
Заклучокот е дека треба да се прекине со тврдењата дека не може да се научи нешто поради тоа што „учам визуелно“.
- Истражувањето овозможува дополнителни докази дека вообичаениот став за начини на учење треба да се отфрли од страна на наставниците и учениците - се истакнува во студијата.
Ако сте премногу површни во пристапот кон учењето, тоа најверојатно е штетно. Ако некој ги отфрли другите начини на учење и се фокусира само на „неговиот“, може да си наштети бидејќи ги игнорира слабостите наместо да се соочи со нив. Ова не значи дека идејата за различни методи на учење треба целосно да биде отфрлена. Некои докази покажуваат дека почетниците учат од примери, додека поискусните од решавање одредени проблеми. Исто така, комбинираните активности, како цртање додека учите, го подобруваат учењето.