X
 28.06.2018 Живот

Научил француски за 17 дена и дава совети како најлесно да совладате странски јазик

Како што старееме, учењето нови работи ни оди сѐ потешко, а тоа особено се истакнува кај јазиците. Затоа, многу повозрасни лица не се решаваат на овој чекор, иако постојат методи кои значително можат да го олеснат совладувањето на странскиот вокабулар и граматиката.

Најлесниот и најбрзиот начин да се успее во тоа, секако, е престојот во земјата во која се зборува тој јазик бидејќи така нештата ќе ги впивате од прва рака. И токму на тој совет се заснова техниката на бизнисменот Дејвид Бејли, кој објасни како најлесно да се научи странски јазик.

Бејли успеал за само 17 дена да научи француски, и тоа доволно добро за секојдневна комуникација. Тоа се случило уште во 2005 година, кога посетил пријателка во едно мало француско село каде што престојувал тие 17 дена и каде што никој не знаел англиски. За да го поттикне и тој да учи, пријателката не сакала да зборува со него на англиски и му се обраќала само на француски.

Тој си создал секојдневна рутина која му помогнала при учењето, а таа изгледала вака:
  • Претпладне на хартија по еден и пол час испишувал правилни и неправилни глаголи бидејќи сметал дека пишувањето е најдобра мнемотехника.
  • Кога и да имал шанса, па дури и за време на пишувањето на глаголите, тој слушал аудиокурсеви за учење на францускиот јазик.
  • Секое утро трчал по 45 минути до еден час во природа и притоа слушал француска музика.
  • Секојдневно разговарал со луѓе на кои францускиот им е мајчин јазик, колку и да му било тешко тоа.
  • Секојдневно читал книга на француски. Бејли советува да земете книга што веќе сте ја читале, по можност детска, која нема многу сложен вокабулар.
  • Барем еден час во денот го минувал пишувајќи состави за самиот себе бидејќи заклучил дека при секое запознавање ќе мора да одговара на прашања од каде е, што работи, како му се допаѓа Франција...
  • Брзо ги научил зборовите што немаат вистинско значење и кои луѓето ги изговараат во паузите меѓу речениците и се добри ако ви затреба пауза во говорот.
По 17 дена Бејли заминал за Париз и во еден кафе-бар запознал девојка и почнал да разговара со неа. Девојката го прашала колку долго живее во Франција, а кога ѝ одговорил, таа се изненадила и рекла дека мислела оти тој има поминато барем една година во нејзината земја.

Можеби нема да станете експерт за толку кратко време, но овие совети секако би можеле да ви бидат од корист ако одлучите да научите некој странски јазик без професионална помош.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот