X
 27.06.2018 Живот

Како да научите нов јазик со апликациите што ги користите секој ден?

Знаењето повеќе јазици е богатство. Ако сега почнувате со учење нов јазик, знаењето од каде да почнете може да биде голема предност. Секако, можете да нурнете во новиот јазик со живеење во друга земја одредено време или со користење апликации како „Дуолонго“. А можете и да ги наместите вашите омилени направи, интернет-страници и сè друго на новиот јазик. Еве како.

Сменете го јазикот на вашиот телефон

Ако минувате неколку часа во денот буричкајќи низ телефонот, размислете да извлечете и понекој збор од него. Со промената на јазикот на вашиот паметен телефон (или некоја друга направа што постојано ја користите), можете да се навикнете на читањето на менито на странски јазик. Методата можеби на почетокот ќе ви изгледа застрашувачка, но нема да останете беспомошни. Иконите, боите и запомнетите движења можат да ве водат дури и ако зборовите на почетокот ви немаат некоја смисла.

Сепак, внимавајте важните апликации, како онаа што ви е поврзана со банкарската сметка, да ви останат на мајчиниот јазик.

Сменете го јазикот на „Фејсбук“ и на „Твитер“

Сите ние сме зависници од социјални мрежи. Ако веќе сте го промениле јазикот на телефонот, тогаш и апликациите ќе ви се појавуваат на тој јазик. Ако сакате исто искуство и кога ќе седнете на компјутер, одете во поставките на „Фејсбук“ и „Твитер“ и променете ги јазиците. Ако го направите тоа, ќе можете да го вежбате јазикот дури и кога сте на социјалните мрежи, па дури и за време на паузата за ручек на работа.

Префрлете се на поткасти на јазикот што го учите

Читањето е едно нешто, но ќе сакате да го разберете и говорениот јазик. Поткастите се еден од најдобрите начини на кои можете да го почувствувате звукот на јазикот, особено ако сте страстен слушач. Нема да имате визуелна претстава за што се зборува, но ќе можете да „фатите“ понекоја фраза.

Можете и да пробате да ги разберете вестите прочитани бавно на „Лингвистика 360“.

Променете го преводот на филмовите

Нетфликс, Хулу, Амазон прајм видео и Ејџ-би-о гоу нудат содржина на странски јазик. Обидете се да го искористите тоа за да научите некој нов збор од јазикот што го учите.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот